Македонија на 8то издание на Four River Film Festival во Хрватска

24/06/2015

Втора година по ред Македонија ќе учествува на 8то издание на Four River Film Festival кое ќе се одржи од 23ти до 27ми јуни во Карловац, Хрватска. На фестивалот посветен за млади режисери и вљубеници во филмот ќе учествуваат и четворица тинејџери како претставници од кај нас и тоа Анастасија Бошкоска, Лидија Јовановска, Софија Синадиновска и Кристијан Јанкулоски. Токму едноминутниот филм “Убиец на планетата“, на Лидија Јовановска ученичка во скопската гимназија Георги Димитров ќе биде прикажан и е влезен во главната конкуренција на фестивалот во Карловац. Филмот на Лидија е навистина оригинален и поучен и преку кратки сцени и дијалози го претставува значењето на водата денес – водата како непроценлив извор на животот.

Џифони Македонија во соработка со Агенцијата на Филм на Македонија ќе организираат и вечер “Фокус на Македонија“ на која ќе бидат прикажани 3 краткометражни филмови меѓу кои “Бардо“ на Марија Апчевска, “Материјал за аудиција“ во режија на Ѓорче Ставрески и “Човекот со чудна навика да ме мава со чадорот по глава“ на Вардан Тозија.

За време на фестивалот, тимот на Џифони Македонија ќе одржи и две работилници, едната за едноминутни филмови а другата за фото-есеј.

Ова е уште една можност за успешна промоција на македонската кинематографија, а истовремено е неповторлива прилика за младите да научат нешто повеќе за филмот и да се здобијат со значајно меѓународно искуство.