Македонија избрана за домаќин на Генералното собрание на Бордот на Еуримаж во октомври 2017 година

16/03/2016

 

Директорот на Агенцијата за филм, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска од 8.-11. март присуствуваше на 142. Генерално собрание Бордот на Еуримаж - фондот при Советот на Европа во својство на Национален престставник за Еуримаж. На 142. Генерално собрание коешто се одржа во Тирана, Албанија беше одлучено Република Македонија да биде домаќин на Генералното собрание на Еуримаж, што ќе се одржи во месец октомври, 2017 година. Инаку Бордот на Еуримаж се состанува четирипати во текот на една година и тоа за работните сесии во март, јуни, октомври и декември.

 

„Слобода или смрт“ на Владимир Блажевски поддржан од фондот Еуримаж

       Од вкупно пријавените 35 проекти на Генералното собрание во Тирана беше одлучено да се поддржат 13 долгометражни играни филмови и 3 документарни филмови во вкупен износ од 4.485.494 евра. За оваа сесија вкупно беа пријавени 35 проекти.

       Меѓу поддржаните проекти е и македонскиот мнозински долгометражен игран филм „Слобода или смрт“ по сценарио и во режија на Владимир Блажевски.  Проектот е поддржан со вкупен износ од 200.000 евра и е македонско-српско-словенечка копродукција.

       Филмот е во продукција на Панк Филм и истиот е поддржан од Агенција за филм на РМ во рамките на годишната програма за 2013 година.

 

Поддршка за киноприкажување и дистрибуција

     Трите кина кои се дел од европската кино-мрежа и оваа година ги исполнија условите за финансиска поддршка од Еуримаж. Согласно доставените извештаи и критериумите на Еуримаж беше потврдена соодветна финансиска поддршка на Домот за култура во Битола, Кино Фросина и Кино Милениум.

     Исто така беше потврдена и поддршката за македонските дистрибутери согласно донесената одлука на 139. Генерално Собрание кое се одржа во јуни минатата година во Прага, Република Чешка.

     Воедно, беше напоменато дека Република Македонија со станувањето член на МЕДИА под-програмата  која е интегрален дел на Програмата на ЕУ  „Креативна Европа“ од наредната година, поддршката за дистрибуција и кино-сали ќе ја користи директно од потпрограмата МЕДИА.

       Фондот Еуримаж е основан во 1989 година во рамките на Советот на Европа, а  Македонија е членка од 2003 година. Целта на Еуроимаж е да се промовира европската филмска индустрија, преку обезбедување на финансиска поддршка за европски филмски копродукции, поддршка на европската кино-мрежа и прикажување, дистрибуција и промоција на европските филмови.

       Повеќе информации за активностите на фондот можете да најдете на следниов линк: http://www.coe.int/en/web/portal/home