Македонија домаќин на филмскиот фестивал „Џифони“

09/03/2013

                                             

Во период од 28.02.2013 год. до 03.03.2013 год., Клаудио Губитози, уметнички директор на најголемиот детски филмски фестивал “Џифони” од Италија, беше во посета на Р.Македонија по повод одлуката за оддржување на 1-то издание на Џифони Македонија.

“Џифони филм фестивал” е основан како Маѓународен фестивал за филм за деца, со мисија: промоција и вреднување на посебни производи од областа на културата, и со својата 43-годишна традиција е своевиден бренд на Р. Италија и италијанската култура.  Остварувајќи ја првичната идеја донесување на светот во Џифони, го глобализираат брендот и го носат Џифони во светот.

Во текот на неговата посета, беа остварените средби со сите заинтересирани и потенцијални страни за реализација на “Џифони- Македонија” (Министерство за Култура, Град Скопје, Италијанска Амбасада, Младински културен Центар, Кинотека на Македонија и др.).

 Во наредниот период ќе биде потпишана спогодба помеѓу “Џифони филм фестивал” и Филмскиот фонд на Р.Македонија за период од три години (2013 год.-2015 год.) со која ќе биде дефинирана взаемната соработка и активносите кои ќе бидат реализирани во овој период.

Согледувајќи го интузијазмот, професионалноста и поддршката која ја даваат сите гоенаведени институции, како и довербата која тој ја стекнал во Филмскиот фонд, г-динот Клаудио Губитози, директорот на “Џифони филм фестивал” одлучи брендот “Џифони” за прв пат да го довери бесплатно на Р.Македонија, со одговорност на Филмскиот фонд да се грижи за правилна и успешна презентација и реализација на целиот концепт.

Вооедно од страна на “Џифони филм фестивал” беше одлучено позицијата Уметнички директор да ја извршува Иво Антов, додека позицијата Извршен директор ќе ја извршува Елена Величковска, а Претседател на фестивалот да биде Катерина Сотирова.

На 27 Мај 2013 год. ќе биде одржан т.н. “Ден на Џифони” преку кој македонската публика и младите ќе бидат запознаени со концептот на “Џифони филм фестивал” и активностите кои се дел од него.

Фестивалот “Џифони” во Италија од 19-28 јули оваа година ќе прифати поголема делегација од Македонија, во која покрај поголема група на деца од различни возрасти и студенти кои ќе учествуваат на работилниците и ќе се спремаат да бидат дел од тимот за реализација на “Џифони Македонија” кој ќе се оддржи во период од 20-27 Октомври 2013 год.