Македонија гостин на најголемиот фестивал за деца и млади „Џифони Експириенс“ во Италија

16/07/2013

             

Оваа година Македонија, претставена од  Директорот на фестивалот Giffoni Macedonia, Елена Величковска и креативниот директор Иво Антов, како и дел од организацискиот тим  ќе бидат гости на Меѓународниот фестивал за деца и млади „Giffoni Experience“, кој ќе се одржи во период од 18 -28 јуливо Италија. Посетата има за цел прибирање знаење и искуство кое би помогнало во успешната реализација на Фестивалот Giffoni Macedonia,  предвиден да се одржи во октомври оваа година како прв регионален филмски фестивал за деца и млади.

             

 Оваа година на фестивалот „Giffoni Experience“ во Италија, Македонија ќе биде претставена со повеќе активности во рамките на фестивалолт, а на 23 јули ќе се одржи Македонскиот ден на Џифони. На македонската вечер  која ќе се оддржи во манастирот  Di San Francesco – Giffoni Valle Piana, Македонија ќе биде претставена и преку македонско вино обезбедено од Винарија Тиквеш, македонски производи од МАМАС (ајвар, слатко и сл.) и галичко сирење.

Презентацијата на Македонија ќе биде придружена и со промотивни материјали обезбедени во соработка со  Агенцијата за туризам и Агенцијата за странски инвестиции, како брошури и мапи за Македонија, брошурата “Filming in Macedonia” која има за цел привлекување на странски продукции во Македонија, а воедно како рекламен материјал на македонската кинематографија ќе бидат приложени и каталозите на македонски филмови 2012/2013 год. и колекцијата разгледници “Welcome in Macedonia 220 Sunny days for filming”. Вечерта е предвидена да заврши со концерт на музичката група ФОЛТИН во Giffoni Valle Piana Stadio Comunale "Troisi"- во склоп на  Музичката програма на GFF Experience.

 

           

 

 Во текот на фестивалот ќе бидат претставени и пет македонски кратки филмови за деца и млади:

„Бардо“ на Марија Апчевска

„Девојчето со кибритчињата“ на Филип Матевски

„Синот“ на Марко Ѓоковиќ

„Образ“ на Стефан Сидовски

„Жарче“ на Томислав Алексов

За време на фестивалот ќе биде поставена и изложба на фотографии од Македонија во соработка со фото клубот ЕЛЕМА. На изложбата насловена „Македонија низ објективот на македонските фотографи“ ќе бидат изложени триесетина фотографии од 11 автори кои преку пејсажи и знаменитости го отсликуваат секојдневниот ритам и сеприсутниот дух на убавините на нашата земја, Македонија.

Осум деца од Р. Македонија ќе имаат шанса да бидат дел од меѓународното жири на најголемиот фестивал за деца и млади „Giffoni Experience“ во Италија.