Македонија на овогодинешниот Сараевски филмски фестивал

16/08/2016

На  22. издание на Сараевскиот филмски фестивал, што се одржува во период од 12. до 20. Aвгуст, Македонија e присутна со четири филма кои добиле поддршка од Агенцијата за филм.

„Девојката што паѓа“ е дебитантски анимиран филм во режија на Владимир Лукаш кој ќе се прикаже во рамките на натпреварувачката програма на краток филм. Филмот е во продукција на „Флипбук“,  аниматори се Жарко Иванов и Владимир Лукаш, сценариото е на Иван Шопов, монтажата на Крсте Господиновски, звукот на Милан Симовски, а продуцент е Жарко Иванов.

Трета година по ред, фестивалската програма „Претпремиери“ на публиката ќе и' понуди увид во најновата филмска продукција од регионот. Во рамките на оваа програма ќе биде прикажана и македонско-хрватско-финската копродукција „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија (каде што како режисер е потпишан и Данило Шербеџија). Сценариото го потпишуваат Душан Стојановиќ и Раде Шербеџија, Дејан Димески е директор на фотографија, а музиката е на Влатко Стефановски и Туомас Кантелинен. Во главните улоги настапуваат Раде Шербеџија, Силвија Стојановска, Луција Шербеџија, Давид Тодосовски и Небојша Глоговац.

Во рамките на фестивалската програма ќе бидат прикажани и две малцински копродукции поддржани од Агенцијата за филм на Република Македонија: долгометражниот филм „Ноќен живот“ во режија на Дамјан Козоле во која учествуваат Словенија, Македонија и Босна и Херцеговина, и „Сиера Невада“ во режија на Кристи Пуиу, копродукција помеѓу Романија, Франција, Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска, поддржан од Еуримаж.

 

Директорката на Агенција за филм како дел од жирито на копродукцискиот маркет на CineLink Industry Days

Директорката на Агенција за филм на Република Македонија, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска ќе биде дел од жирито на овогодинешниот копродукциски маркет, што се одржува во рамки на CineLink Industry Days (17-21.08.2016).

 CineLink Industry Days  во последните години прерасна во една од најуспешните платформи за развој и за финансирање проекти во Европа и збирно место за филмски професионалци кои се во потрага по нови таленти и копродукциски можности. Вкупниот фонд на копродукцискиот маркет CineLink е составен од стипендија  и парични награди и тоа: награда за копродукциски развој од Eurimages  во износ од 20.000 ЕУР, Arte International Relations CineLink награда во износ од  6.000 ЕУР, Macedonian Film Agency CineLink награда  во износ од  10.000 ЕУР и стипендија од  EAVE.

Меѓу  15те проекти кои ќе бидат претставени на маркетот е и македонскиот проект „Господ постои, се вика Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска.

 

 „Тајната состојка“ избран во програмата “Work in Progress”

Сараевскиот филмски фестивал ја објави листата на избрани проекти што ќе бидат претставени во рамски на програмата Cinelink “Work in Progress”. Меѓу избраните проекти се најде и македонскиот филм „Тајната состојка“, дебитанстско долгометражно остварување во режија на Ѓорче Ставрески.

Филмот е во продукција на Фрагмент филм, по сценарио на Ѓорче Ставрески а главните улоги во филмот ги толкуваат Благој Веселинов и Анастас Тановски. Директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф Симо Бранов, костимограф Раде Василев, а композитор Бранислав Николов.

Сесиите во рамки на програмата “Work in Progress” ќе се одржат на 17 и 18 август и истите претставуваат можност надежните филмски проекти кои се во фаза на постпродукција да бидат претставени пред специјално поканети претставници на филмската индустрија. Десетте избрани проекти ќе бидат во трката за една од следниве три награди: парична награда од TRT во износ од 30.000 евра, постпродукциски услуги од Restart во вкупна вредност од 20.000 евра и постпродукциски услуги од The Post Republic во вкупна вредност од 50.000 евра.

Talents Sarajevo

Овогодинешното издание на Сараево Талент Кампус ќе се одржи од 14-20 август, 2016 година. Овој талент кампус првпат се лансира од страна на Сараевскиот филмски фестивал во 2007 год. а е во соработка со Берлинскиот Филмски фестивал и Берлинскиот талент кампус. Сараевскиот талент кампус се фокусира на сценаристи, режисери, актери, продуценти и филмски критичари и директори на фотографија од Југоисточна Европа и Јужен Кавказ.Оваа година  на Сараево Талент Кампус од Република Македонија е одбрана актерката Сара Климоска. За учесниците е предвидена возбудлива програма исполнета со предавања, трибини, како и активни дебати надополнета со работилници, практични вежби и филмски проекции.

 

Агенцијата за филм на Република Македонија воедно ќе биде претставена и преку рекламен простор во магазините Cinelink Magazine и Cinelink Project Book.