Македонија на 23. Сараевски филмски фестивал

26/07/2017

 

На 23. издание на Сараевскиот филмски фестивал, што се одржува во период од 11. до 18. Aвгуст 2017, Македонија ќе биде присутна со 5 филма кои добиле поддршка од Агенцијата за филм на РМ.

Во официјалната селекција за играни филмови, ќе учествува бугарско-македонско-германската ко-продукција „Насоки“ на Стефан Командарев, кој својата премиера ја имаше на овогодинешното издание на Канскиот филмски фестивал во програмата Un certain regard, а во официјаната селекција за документарен филм ќе учествува македонскиот филм „Avec L’Amour“ на режисерот Илија Цветковски, кој во мај оваа година премиерно беше прикажан на фестивалот Hot Docs во Торонто.

Покрај овие два филма, во програмата „Во Фокус“, ќе бидат прикажани филмот на Теона Стругар Митевска „Кога денот немаше име“, ко-продукција помеѓу Македонија, Белгија и Словенија и „Реквием за Г-ѓа Ј.“ на Бојан Вулетиќ, кој е ко-продукција помеѓу Србија, Бугарија, Македонија, Русија и Франција. Двата филма својата премиера ја имаа на Берлинскиот филмски фестивал, во програмата Панорама.

Во селекцијата на Б и Х филмови, ќе биде прикажан филмот „Жаба“, на Елмир Јукиќ, ко-продукција помеѓу Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Хрватска.

 

Синелинк 

Во рамките на Синелинк, како дел од Ко-продукцискиот Маркет, учество ќе земе македонскиот проект „Снежана умира на крајот“, во режија на Кристијан Ристески и во продукција на Вертиго Филмс, а на второто издание од Синелинк Драма, ќе учествува проектот „Враќање во Соренто“, во режија на Ана Цикишвили и во продукција на Сестри и брат Митевски.

Како и изминатите години, Агенцијата за Филм на Рм, веќе традиционално на Ко-продукцискиот Маркет на Синелинк, доделува награда во висина од 10.000 Еур. 

 

Талент кампус

Во рамките на Сараево Талент Кампус, кој се одржува како дел од Сараево Филм Фестивал, ќе учествуваат 4 претставници од Македонија, актерите Игорчо Постолов и Драган Мишевски, режисерот Марко Црногорски и продуцентката Тања Тодорова.