Македонија со НАСОКИ на Стефан Командарев дел од програмата “Un Certain Regard” на Канскиот филмски фестивал

19/04/2017

 

Македонија оваа година повторно е дел од програмата на Канскиот филмски фестивал, овојпат преку Сектор филм Продукција и Агенцијата за филм на Република Македонија со најновата копродукција НАСОКИ во режија на Стефан Командарев.

Овој исклучително значаен успех е уште една потврда за заложбите на Агенцијата за филм од една страна и продуцентите, режисерите, филмските автори и работници од друга страна кои се повеќе се движат во насока на партнерска соработка во интерес на создавање квалитетни филмски дела кои ќе бидат достоен репрезент за македонската кинематографија.

Долгометражниот игран филм НАСОКИ на режисерот Стефан Командарев е селектиран да  учествува во конкуренцијата на престижната програма „Извесен поглед” / “Un Certain Regard” на јубилејното 70. Издание на Канскиот филмски фестивал, кој годинава се оддржува од 17 до 28 мај.

Филмот НАСОКИ е копродукција помеѓу Арго Филм од Бугарија, Актис Филм од Германија и Сектор Филм од Македонија. Финансиски филмот е поддржан од Бугарскиот национален филмски центар, Регионалниот филмски фонд МДМ, Агенцијата за филм на Република Македонија, како и Европскиот филмски фонд Еуримаж.

НАСОКИ е поддржан како малцински проект од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија со поддршка во износ од 3.400.000 денари, додека вкупниот буџет на филмот изнесува 634.485 евра. Филмот е копродукција помеѓу Бугарија, Германија и Македонија.

НАСОКИ е современа драма чие дејство се одвива во рамките на 24 часа, каде во шест такси возила се испреплетуваат судбините на група луѓе - херои од сегашната балканска реалност. Во тоа деноноќие сме сведоци на некои од реалните проблеми, па дури и апсурди на денешното општество на овие простори.

Преку очите на таксистите и клиентите низ улиците, полека ја насетуваме шареноликоста на секојдневието, дури и со своите најтемни нијанси. Поединечните приказни се обединети од една смрт, која сепак ќе даде шанса за нов живот.

Ова се приказни за очајот и надежта за бегство, за прифаќањето и одмаздата. За љубовта и рамнодушноста, за посветеноста и осаменоста, поврзани во една радио емисија, која поставува прашања, но не дава одговори. Приказна за насушната потреба од трансплантација за цело едно општество, коешто нема друга шанса за живот, освен со ново срце.

Покрај режијата на филмот, Стефан Командарев се потпишува и како сценарист на ова остварување, заедно со младиот талентиран драматург Симеон Венциславов. Македонскиот дел на авторската екипа ја сочинуваат костимографот Жаклина Крстевска и шминкерот Мартин Павловски. Продуценти на филмот од Македонија се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.