Македонија е домаќин на 148та седница на Бордот на директори на Еуримаж

17/10/2017

 

Република Македонија и Градот Скопје оваа година ќе бидат домаќини на 148. седница на Бордот на директори на Еуримаж, која е предвидено да се одржи во период од 16.-20. октомври, 2017 година во организација на Агенцијата за филм на   Република Македонија.

Еуроимаж е фонд при Советот за Европа за копродукција, дистрибуција, производство  и дигитализација на Европските кинематографски дела. Целта на Еуроимаж е да се промовира европската филмска индустрија, преку поттикнување на производство и  дистрибуција на филмови и потикнување за копродукции помеѓу филмските професионалци.

Настанот ќе опфати над 60 учесници  од различни земји со дневни активности кои согласно програмата планирано е да бидат реализирани во текот на следните 6 дена. Во рамки на предвидените активности, Агенцијата за филм во соработка со Еуримаж организира панел дискусија на тема: „Родова еднаквост- Жени филмски автори во Македонија – кои се промените во изминатите 15 години“. Дискусијата се одржа вчера (16. октомври, 2017 година) во хотелот „Холидеј Ин“ – сала Скала, со почеток од 19:00 часот  и истата беше отворена од страна на г. Енрико Венучи, заменик директор на Еуримаж и директорот на Агенција за филм на Република Македонија, г. Горјан Тозија.

На дискусијата учествуваа жени филмски автори од Македонија и тоа: Теона Стругар Митевска, (режисерка), Марија Џиџева (режисерка), Eлена Станишева (продуцентка), Марија Димитрова (продуцентка) и Марија Апчевска (режисерка) додека модератор на истата беше Мими Ѓоргоска Илиевска, македонски претставник во Еуримаж. Дискусијата беше проследена со коктел и проекција на филмот „Кога денот немаше име“ во режија на Теона Стругар Митевска, македонско-белгиско-словенечка копродукција поддржана од Еуримаж, што се одржа во градското кино Милениум со почеток од 22:00 часот.