Македонско-бугарската копродукција „Насоки“ го отвори 38. Меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

26/09/2017

 

Филмот „Насоки“, копродукција помеѓу Бугарија, Германија и Македонија го отвори 38. Меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. На фестивалското отворање беше прикажан и краткиот документарен филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски, кому фестивалот ќе му го врачи признанието „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност за 2017 година.

Фестивалот и годинава ќе понуди богата филмска програма  и за фестивалските награди ќе се натпреваруваат 13 филмови. Дури 10 кинематографери на филмовите од најновата светска продукција, главно селектирани од годинешниот Кански, Берлински фестивал и фестивалот во Карлови Вари, лично ќе присуствуваат на фестивалот. Меѓу селектираните 13 филмови, за наградите  Златна, Сребрена и Бронзена камера 300 ќе се натпреваруваат и кинематографери од Полска, Германија, Велика британија, Јужна Кореја...

На фестивалот ќе биде промовиран и  филмот „Кога денот немаше име“ во режија на Теона  Стругар Митевска кој е работен со искусната кинематограферка од Франција Ањес Годар. Во рамки на фестивалската програма беше прикажана и една епизода од серијата „Сенки над Балканот“  во режија на Драган Бјелогрлиќ, копродукција помеѓу Србија, Македонија, Русија и Босна и Херцеговина. По успешната светска премиера на реномираниот Интернационален Филмски Фестивал во Сараево, и долгометражниот игран филм „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ беше претставен  пред македонската публика во официјалната конкуренција и ќе се натпреварува за една од трите фестивалски награди.

Традиционално, фестивалот и годинава ќе понуди богата придружна програма, која ќе ја следат гости, стручни лица и студенти од 14 филмски академии од Европа.

Повеќе информации за фестивалската програма можете да најдете на следниот ЛИНК