Македонија со „Сиераневада“ за првпат дел од главната програма во Кан

25/04/2016

         Македонија за прв пат ќе биде дел од официјалната главна програма на 69. Кански филмски фестивал преку Агенцијата за филм на Република Македонија и Сестри и Брат Митевски Продукција со најновата копродукција во режија на Кристи Пуиу, „Сиераневада“. 

        Лабина Митевска, која е македонскиот копродуцент на филмот изјави дека ова е голем ден за македонската кинематографија и се надева дека со успехот на оваа копродукција полека ќе започне да се отвара и Канската врата за македонските автори, продуценти и филмски професионалци. Таа воедно информираше дека соработката со продуцентите на филмот е започната пред две години токму на Канскиот фестивал.

       Директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска Илиевска оцени дека  ова е значаен успех за македонската кинематографија и за Македонија која првпат ќе биде дел од главната програма во Кан. Таа истакна дека дека заложбите на Агенцијата за филм од една страна и продуцентите, режисерите, филмските автори и работници од друга страна се повеќе се движат во насока на партнерска соработка во интерес на создавање квалитетни филмски дела кои ќе бидат достоен репрезент за македонската кинематографија.

       „Сиераневада“ е е поддржан како малцински проект од страна на Агенцијата за Филм на Република Македонија со 5.000.000 денари. Целиот буџет на филмот е 1.300.000 евра. Филмот е копродукција помеѓу Романија, Франција, Македонија,
Босна и Херцеговина и Хрватска и истиот е поддржан и од Еуримаж.

       Кристи Пуиу е еден од најголемите европски и светски автори. Својата филмска кариера ја започнува во 2001, кога со својот прв филм Stuff and Dough, премиерата ја има на престижниот Кански Филмски Фестивал во селекцијата Directors fortnight, за во 2004 на Берлинскиот филмски фестивал да ја освои Златната мечка за својот краток филм „Кафе и Цигари“„Сиераневада“ е неговиот четврт филм на Кан, но за првпат во главната натпреварувачка селекција. Филмот зборува за еден семеен собир преку кој на многу директен начин се отвараат многу интересни аспекти и теми од животот во Романија.