Директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска Илиевска зема учество на дискусија за успешните копродукции на Балканот

16/09/2016

Директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска-Илиевска, Бобан Јевтиќ, директорот на Филмски центар Србија, Ненад Дукиќ, филмски критичар и продуцент од Србија и Павлина Желева, продуцентка и филмска критичарка од Бугарија, во рамките на 37. издание на на ИФФК „Браќа Манаки“ учествуваа на јавна дискусија на тема производство на  филмови по принцип на регионална копродукција.

Според учесниците на дискусијата, копродуцирањето помеѓу земјите од регионот и пошироко е значајно  за филмската дејност  на земјите од регионот со оглед на фактот што не само што се зголемува обемот на производство туку воедно е потврда за квалитетот на филмот како и овозможува добивање на поддршка од престижниот европски фонд „Еуримаж“.

Директорката на Агенција за филм истакна дека во последно време не само во балканскиот регион, туку и во пошироки европски рамки, регионалните копродукции се гледаат како вистински нов модел на филмска продукција каде што е  олеснета  соработката помеѓу продуцентите, како и институциите задолжени за финансирање на филмските проекти. Воедно таа нагласи дека соработката и поддршката помеѓу балканските држави е многу значајна од аспект на отворање нови можности на филмските професионалци и размена на искуства, како и за присутноста на балканската кинематографија на европските фестивали.

Учесниците на јавната дискусија соопштија дека работат на иницијативата да се формира Балкански филмски фонд, кој ќе овозможи снимање филмови независно од буџетот што тие ќе го добиваат од националните фондови  односно филмски центри, агенции и други јавни институции во земјите.