Директорката на Агенција за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска Илиевска зема учество на регионален форум во рамките на филмскиот фестивал „Златна Роза“ во Варна, Бугарија

27/09/2016

На 34. Филмски фестивал „Златна роза“, којшто се одржа од 19-25 септември во Варна, Република Бугарија  во рамки на фестивалската програма „Отворени хоризонти“ беа прикажани долгометражниот филм „Лазар“, мнозинска копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Бугарија и Франција во режија на Светозар Ристовски  и „Банат“, копродукција помеѓу Италија, Романија, Бугарија и Македонија во режија на Адриано Валерио во кој Република Македонија и Агенцијата за филм учествуваат со малцински финансиски удел.

 Во рамки на фестивалот од страна на Националниот филмски центар на Бугарија беше организиран и еднодневен форум на кој присуствуваше директорката на Агенција за филм, Мими Ѓоргоска Илиевска, Електра Венаки - директорка на Филмскиот центар во Грција, Камен Балкански – директор на бугарскиот филмски центар, Стефан Доброиу – филмски критичар од Романија,  Дарко Башески -  филмски експерт од Македонија, Гергана Даковска  експерт за копродукции  и претставници од Националниот филмски центар.

 Целта на средбата беше размена на филмски практики помеѓу соседните земји и на истата учесниците имаа можност да ги презенираат поволностите кои ги нудат за копродукции како и да говорат за можностите за поддршка на регионалните копродукции од страна на филмските центри и фондови кои  се од исклучително значење за балканските кинематографии. Меѓу другото, беше напоменато дека во последните 15 години, земјите во регионот меѓу кои Македонија, Грција, Србија, Турција, Романија и Хрватска се повеќе учествуваат во поддршка на регионални копродукции.

 На средбата се разгледаа и можностите за стабилизирање на фондот  SOUTH EAST EUROPEAN CINEMA NETWORK кој веќе со години дава поддршка за развој на краткометражни и долгометражни проекти, за новите начини на привлекување на средства и воведените механизми за поттикнување на вложувањето во филмската индустрија како што се даночните олеснувања и филмските комисии кои имаат потенцијал да привлечат странски продукции како и механизмите на дистрибуција. 

Исто така беше ставен акцент на формирањето на балкански филмски фонд за копродукции. Директорката на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска Илиевска притоа истакна дека веќе е потпишан меморандумот за инциијативата за формирање на Балкански филмски фонд (BCC) што ќе овозможи поддршка за филмски проекти независно од средствата што ги добиваат од националните филмски фондови и центри.