Директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска Илиевска и директорот на "Џифони", Клаудио Губитози остварија средба со Министерката за култура, Канческа-Милевска

26/10/2016

Директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска Илиевска и директорот на "Џифони", Клаудио Губитози кој од 21 до 26 октомври присуствува на четвртото издание на „Џифони Македонија“, вчера остварија средба со Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

На средбата присуствуваа и Италијанскиот Амбасадор во Република Македонија, Карло Ромео и претставници од „Џифони М“, Дарко Башески, извршен директор и Елена Величковска, уметнички директор.

Министерката за култура истакна дека огромна придобивка за Македонија  е вмрежувањето во Филмскиот фестивал за млади „Џифони“ бидејќи е единствена прилика која од најрани години вклучува голем број на млади луѓе од целиот свет во филмската индустрија. Овој фестивал во минатите четири години во Македонија, нагласи Министерката, покрај тоа што кај децата и младите поттикнува креативност, инвентивност има и голема едукативна улога.

Таа додаде дека фестивалот и понатаму ќе има силна поддршка од Министерството, а од голема важност, како што истакна, е и Спогодбата на Агенцијата за филм на РМ со Џифони фестивалот, која ќе значи и размена на голем број проекти и присуство на италијанска филмска индустрија во Македонија.

На средбата, беше презентиран планот на овој реномиран меѓународен фестивал за периодот 2017-2020 година, при што г. Губитози истакна дека "Џифони Македонија“ го  добива централно место во регионот и со тоа станува меѓународен настан втор по важност, после активностите на Џифони Експириенс во Италија. Како дел од овој план, наредната година во Македонија ќе има учесници од над 20 држави од целиот свет, ќе се зголеми и бројот на активности кои ќе се реализираат, ќе има поголемо присуство на Италија.

Г. Губитози истакна дека заслугата за достигнувањата во Македонија е на тимот на Џифони Македонија кој одлично го организира фестивалот и изрази голема благодарност за поддршката од страна на Министерството за култура и Агенцијата за филм.

Директорката на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска, го изрази своето задоволство од досегашната реализација на целиот проект и подвлече дека со новата тригодишна спогодба потпишана оваа година со „Џифони искуство“ во Италија, на Агенцијата за филм на РМ ѝ е доверено ексклузивното право на користење на брендот и логото на „Џифони‘‘ на територијата на Република Македонија до 31 декември 2018 година.

Според италијанскиот амбасадор во Македонија, Карло Ромео, Џифони Македонија е конкретен пример за одлична културна соработка на двете држави каде од  спојот помеѓу италијанската фантазија и креативност и македонските заложби и амбиција произлезе проект кој има светла иднина во наредните години.