Директорката на Агенција за филм , м-р Мими Ѓоргоска Илиевска одликувана со францускиот орден „Витез од редот на уметноста и книжевноста“

21/11/2016

Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на Агенцијата за филм на Република Македонија е одликувана со престижната титула „Витез од редот на уметноста и книжевноста“, која ја доделува Министерството за култура и комуникации на Република Франција, поради нејзините искучителни достигнувања во промоцијата на македонската култура и филмска уметност во глобални рамки како и заложбите во промоцијата на француската култура во Македонија.

Одликувањето и го врачи Амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Н.Е. г. Кристиан Тимоние, на свеченост која се одржа во француската резиденција, истакнувајќи го нејзиниот досегашен придонес во зајакнувањето на културните врски помеѓу Република Франција и Република Македонија, како голем сојузник на француската култура и силен поборник за продлабочувањето на соработката помеѓу двете земји. Со ова одликување, француската влада и оддава признание за нејзината исклучителна дводецениска кариера во промоцијата, зачувувањето и валоризирањето на сите форми на филмската уметност најпрвин како филмолог, а потоа и директор на  Кинотеката на Македонија, а од 2015 година, директор на Агенцијата за филм на Република Македонија.

Н.Е. Кристиан Тимоние, го изрази своето задоволство што ја има честа да и го врачи ова одликување токму на Мими Ѓоргоска Илиевска, нагласувајќи го нејзиниот ентузијазам и континуирана и неуморна посветеност во развојот и зајакнувањето на билатералните односи помеѓу двете земји, како учесник, организатор и модератор на голем број на меѓународни конференции, семинари и симпозиуми, како македонски претставник на Eureka Audiovisual во Брисел, како домаќин и организатор на 70. конгрес на ФИАФ во Скопје на којшто присуствуваа 200 делегати од целиот свет и каде најголемиот дел од прикажаните филмови посветени на Првата светска војна беа обезбедени од француските филмски архиви, и секако, како национален претставник на Република Македонија во Еуримаж – европскиот фонд за поддршка на кинематографијата на Советот на Европа.

Во присуство на филмски професионалци, директори на институции, уметници, пријатели и семејството, г-ѓа Мими Ѓоргоска Илиевска се заблагодари за честа да биде носител на ова значајно признание истакнувајќи дека тоа претставува потврда и валоризација на заедничките заложби за афирмација, продлабочување, развивање и размена на културните вредности и дела меѓу Република Франција и Република Македонија. Притоа истакна дека, ова признание за неа е дотолку позначајно, зашто доаѓа токму од татковината на браќата Лимиер кои на светот им ја открија и пренесоа магијата на подвижните слики, потсетувајќи дека десет години подоцна филмот беше предизвик и за браќата Манаки, а 100 години подоцна и нејзин предизвик, преку Кинотеката на Македонија, а сега и преку Агенцијата за филм за афирмација и поголема презентација на француската култура, франкофонијата и валоризација на македонската култура.

Истакнувајќи само дел од проектите и соработките реализирани како резултат на нејзините заложби, а благодарение на културната стратегија на Министерството за култура и државната стратегија на Република Македонија, Ѓоргоска Илиевска нагласи: „се надевам дека успеав да дадам свој скромен придонес преку филмот и филмската уметност за афирмација, презентација и продлабочување на билатералните врски меѓу Македонија и Франција. Секако, верувам и ветувам дека за мене ова признание ќе биде голем поттик, а истовремено и обврска за натамошно залагање за што поголеми и позначајни идни културни проекти меѓу Република Македонија и Република Франција“.

Одликувањето „Витез од редот на уметноста и книжевноста“ е основано од страна на Андре Малро во 1957 година и е едно од четирите најпрестижни одликувања во  Франција. Одликувањето се доделува секоја година и го добиваат заслужни професионалци во Франција и исклучителни личности надвор од Франција.