Директорката на Агенција за филм учествуваше на Меѓународниот форум за продукциски дизајн во Битола

30/08/2016

 

Република Македонија за првпат беше домаќин на Меѓународниот форум за продукциски дизајн, што се одржа викендов (27 и 28 август) во Битола со учество на филмски експерти од Македонија, Албанија, Грција и Бугарија.

Настанот претставува одлична можност за споредба на достигнувањата меѓу земјите учеснички како и инспирација за идните мерки за подобрување на состојбите во оваа професија и воопшто филмската индустрија на овие простори.

 Учесници на форумот беа директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска - Илиевска, познатиот грчки продуцент Мајкл Сарантинос, директорот на Интернационалниот филмски фестивал во Тирана, Агрон Доми, македонскиот режисер и продуцент Сашо Павловски и други.

Во рамки на настанот се одржаа пет панел дискусии за актуелни теми од продукцискиот дизајн и од филмската индустрија. со цел зајакнување на соработката помеѓу филмските професионалци во регионот и размената на искуства во филмската дејност. Првиот ден од форумот беше посветен на актуелните состојби во оваа професија во регионот, нејзините предности и недостатоци, насоки и план за нејзин развој, со посебен акцент на размената на искуства меѓу земјите учеснички. На вториот работен ден акцентот беше ставен на дискусиите во сферата на начините за вмрежување, вклучувајќи ги и начините за приклучување кон глобалниот тренд.

Организатор на овој настан е регионалниот филмски фонд Балкан синема ситис – БСС во соработка со продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ филм и медиа“ и со поддршка од градот Битола – член на мрежата на креативни градови на УНЕСКО. Форумот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија во рамки на Програмата за поддршка на креативните индустрии.