Филмски фонд на Македонија на Филмскиот маркет на Канскиот филмски фестивал

13/05/2013

Филмскиот Фонд на Македонија по четвртти пат ќе се претстави на Филмскиот маркет (Marche du Film) во склоп на 66-то издание на Канскиот филмски фестивал, кој ќе се одржи од 15-26 мај, каде на својот штанд ќе ги промовира македонските филмови и Македонија како дестинација за снимање на филмови.

Македонскиот штанд ќе биде во склоп на  павилjoнот на Југоисточна Европа (South-East European Pavilion) заедно со Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словениjа. На павилјонот ќе се презентираат филмовите од регионот и истиот ќе биде место за средби на македонските продуценти со продуцентите, фестивалите и дистрибутерите од другите  земји.

Во рамки на Филмскиот маркет на 18 мај во Riviera 4 во 15:30ч ќе се прикаже  филмот „Трето полувреме“ во режија на Дарко Митревски.  

Во Short Film Corner од Македонија ќе учествуваат три кратки филма:

                -документарниот „Трагачи по звукот“ во режија на Сузана Диневски, поддржан од Филмскиот фонд,

                - независниот филм „Врати“ на Микеле ди Ангелис од Италија, кој е снимен во Битола

                - „Шумарот“, македонско/норвешка копродукција во режија на Изер Алиу, поддржан од Филмскиот фонд

Лабина Митевска како продуцент на филмот „Жената што си ги избриша солзите“ ќе биде претставена во рамките на Producers on the move 2013 во организација на European Film Promotion како претставник од Македонија со уште 28 продуценти, претставници од другите земји членки на мрежата.

Долгоочекуваното филмско остварување на режисерот Баз Лурман „Големиот Гетсби“ со Леонардо Ди Каприо и Кери Мулиган ќе го отвори  Канскиот филмски фестивал, додека честа да го затвори овогодишното издание му припадна на трилерот „Зулу“ во режија на Жером Сел. Француската актерка Одри Тоту е најавена како домаќин на свечените церемонии на фестивалот.

 

 

Повеќе информации на официјалната страна на Канскиот филмски фестивал