Потпишана тригодишна спогодба помеѓу Филмскиот фонд на Македонија и Фестивалот "Giffoni Experience"

30/05/2013

            

Денес (30.05.2013)  со почеток во 10:30 часот во просториите на Порта Македонија се одржа прес конференција по повод потпишувањето на тригодишна спогодба помеѓу Филмскиот Фонд на Република Македонија и најголемиот филмски фестивал за деца и млади во Европа „Giffoni Experience“ – Италија со која беше дефинирана взаемната соработка и активностите кои ќе бидат реализирани во периодот што следи.

Г. Клаудио Губитози, директорот на “Џифони филм фестивал” , го истакна своето задоволство од успешната реализација на проектот Ден на Џифони кој се одржа на 27 мај и имаше за цел да ја  запознае македонската публика и младите со концептот и идејата на Фестивалот.

Согледувајќи го eнтузијазмот, професионалноста и поддршката која ја даваат сите  институции, како и довербата која тој ја стекнал во Филмскиот фонд, г. Губитози одлучи брендот “Џифони” за прв пат да го довери бесплатно на Р.Македонија.

Првото издание на “Џифони Македонија”  ќе се оддржи во периодот од 20-27 Октомври 2013 год.  Како дел од жирито на овој фестивал ќе учествуваат по пет деца од земјите од регионот, додека од Македонија ќе учествуваат 8 деца.

             

На прес конференцијата исто така беше истакнато дека на наредното издание на Џифони фестивалот во Бразил ќе бидат избрани две деца од Македонија а во наредниот период постои можност младите од Македонија да бидат дел од фестивалот Џифони и во другите земји каде што се организира истиот.

“Џифони филм фестивал” е основан како Меѓународен филмски фестивал за деца и млади, и со својата 43-годишна традиција е своевиден бренд на Р. Италија и италијанската култура на кој досега гостувале бројни холивудски ѕвезди како Николас Кејџ, Мерил Стрип, Оливер Стоун и многу други.