Македонски филмови на филмски фестивал во Романија

19/08/2012

Пет македонски филмови се влезени во селекцијата на краткометражни, документарни и долгометражни филмови од Балканот (Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Кипар, Грција, Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Романија и Турција) на третото издание на фестивалот наменет за гастрономските љубители на филмската уметност, кој ќе се одржи од 19-26 август во Романија под името Филмски фестивал Диван.

Наградуваниот филм „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски, заедно со кратките филмови „Жарче“ во режија на Томислав Алексов, „Митот за Сара“ во режија на Саша Станишиќ, „Епизодист“ во режија на Игор Алексов и „Образ“ во режија на Стефан Сидовски се само дел од програмата на фестивалот каде во периодот од една недела деноноќно ќе се одржуваат филмски проекции под отворено небо. Мотото на годинешното издание и симпозиум  „Бегство од Балканот“ ќе им понуди на посетителите  не само можност да уживаат во кинематографските деликатеси туку и да ги вкусат традиционалните гастрономските специјалитети и вина од Балканскиот регион.   

Почесен гостин на годинешното издание на фестивалот е филмаџијата Карен Шахназаров, директор на студиото Мосфилм чиј најнов филм „Белиот Тигар“ ќе ја доживее својата светска премиера токму на овој фестивал.