Македонски филмови на меѓународни филмски фестивали

12/09/2013

Во периодот што следи, во тек на месец септември, македонската кинематографија ќе биде активно присутна на неколку меѓународни филмски фестивали од регионот и од странство.

Денеска започнува новото издание на Меѓународниот Фестивал на филмска режија во Лесковец, Србија кој ќе трае до 16ти септември. „Трето полувреме“ во режија на Дарко Митревски и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски се дел од главната филмска програма на фестивалот во која се најдоа и десет филма од регионот, и ќе бидат прикажани на 14 септември.

„Трето полувреме“ оттаму продолжува на второто издание на Let’s CEE  - Фестивалот на филмови од Централна и Источна Европа, кој ќе се одржи во периодот од 13-21 септември во Виена, Австрија. Во програмата за документарен филм ќе биде прикажан и „Мама Европа“ во режија на Петра Селишкар. Фестивалската програма вклучува педесетина исклучителни филмски остварувања и се очекува да биде посетен од најпроминентните имиња од филмската индустрија.

Краткометражните „Синот“ во режија на Марко Ѓоковиќ и „Образ“ во режија на Стефан Сидовски ќе бидат претставени на престојното издание на Меѓународниот фестивал „Злосторство и казна“ кој ќе се одржи од 13-19 септември во Истанбул, Турција. Оваа година фестивалот се фокусира на основното и клучно општествено прашање со кое се соочува секоја земја „Малолетничката правда“ кое ќе биде разработено и од филмска и од научна перспектива.

На 18 септември започнува второто издание на Фестивалот на јужнословенски филм кој се одржува во Тузла, Босна и Херцеговина. Четиридневната филмска програма ќе понуди возбудливи наслови меѓу кои и „Материјал за аудиција“ во режија на Ѓорче Ставрески и „Недовршена приказна“ на Наум Михајловски кои ќе се натпреваруваат во програмата за краткометражен филм.

Последната недела од септември е резервирана за четири македонски документарци кои ќе бидат претставени на Филмскиот фестивал во Јахорина кој ќе се одржи од 25-29 септември во Пале, Босна и Херцеговина. „Волшебниот рид“ во режија на Петар Џуровски, „Нашите во Стамбол“ во режија на Елизабета Конеска, „Шарски зраци“ во режија на Арбен Тачи и „Трагачи по звукот“ во режија на Сузана Диневски ќе се придружат на повеќе од 80 остварувања од 20 земји. Фестивалот е организиран од здружението на граѓани Јахоринафест.