Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска како дел од својата работна посета на Берлин го посети и Европскиот Филмски Маркет

16/02/2017

 

Во рамките на посетата на Берлин, Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, заедно со директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија Мими Ѓоргоска-Илиевска, оствари средба со Беки Пропст, претседател на Европскиот филмски маркет во чии рамки македонската Агенција за филм континуирано, низ годините, ја презентира македонската кинематографија, но и сите поволности што ги нуди нашата земја во областа на филмската дејност. Особено значајно е што на средбата е договорено Република Македонија во иднина да поседува и сопствен штанд за промоција на македонската кинематографија кој ќе отвори уште многу можности за развој и унапредување на оваа дејност, како и презентација на сите поволности кои се нудат во Република Македонија.

За време на посетата Министерката за култура и директорката на Агенцијата за филм се сретнаа и со извршниот директор на европскиот фонд за копродукции Еуроимаж, Роберто Ола и Сузан Њуман – раководител за филмски проекти, на која беше истакнато присуството на македонската кинематографија на култниот Берлински филмски фестивал. Соговорниците го изразија задоволството што токму двата филма кои се селектирани во програмата Панорама, „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар-Митевска и Реквием за госпоѓа Ј.“ на Бојан Булетиќ, се поддржани од Еуроимаж. На средбата се дискутираше и за новата Европска конвенција за копродукција во кинематографијата која беше потпишана во Ротердам и која ќе отвори многу нови можности за реализација на заеднички филмски проекти меѓу европските земји. Оваа, 2017  година  нашата држава ќе биде домаќин и на редовното генерално собрание на Еуроимаж што ќе се одржи во Скопје во октомври.

Министерката за култура  и директорката на Агенцијата за филм остварија работна средба и со Марија Троколи од  Директоратот за филмска продукција при Министерството за културно наследство и туризам на Република Италија, на која беше договорено наскоро во Република Македонија да се реализира заедничка средба на продуценти од двете земји  со цел зголемување на копродукциските проекти кои ќе овозможат презентација на креативните потенцијали во оваа сфера од двете земји.

Министерката за култура се сретна и со директорите на Израелскиот, Српскиот и Бугарскиот  филмски фонд, а оствари средби и со   директорот  на Европската филмска академија Марион Доринг и со селекторот на Фестивалот Николај Никитин.