Македонска премиера на „Ослободување на Скопје“ на фестивалот„Браќа Манаки“

09/09/2016

 

 

37. издание на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе започне во сабота (10. септември) во Битола, со македонската премиера на филмот „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија.

Богата филмска и придружна програма

Фестивалот и годинава ќе понуди богата филмска програма и многубројни настани на различни локации: во салите на Битолскиот Центар за култура, Битолскиот Музеј, Магазата и Театарот.

Освен 150 филмски проекции во различни програмски категории, на „Браќа Манаки“ ќе се одржат и повеќе придружни манифестации како разговор со Федон Папамихаил, добитник на специјалната награда златна „Камера 300“ за особен придонес во светската уметност и австралискиот  кинематографер Џон Сил овогодишен добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, мастер класови со Грациела Билдешејн и Алан Старски, додека во рамките на програмата посветена за студентите ќе се одржат работилници со Карпо Година, Влатко Галевски и Феликс Леиберг.

Во рамки на дополнителната програма ќе бидат отворени и изложбите „40 години Македонска кинематографија“ и „Тагата и радоста на Ромите“, а планирани се  и бројни конференции, средби и разговори.

Фестивалот ќе биде свечено затворен на 17 септември со проекција на филмот „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчевски.

Културен настан поддржан од ИМАГО

Македонското здружение на кинематографери, како дел од Друштвото на филмски работници на Македонија, оваа година ја има честа да биде домаќин на ИАГА 2016, Годишното собрание на ИМАГО - Меѓународната федерација на кинематографери.

Денес Федерацијата брои 49 национални здруженија членки и околу 4000 кинематографери, не само од Европа туку од сите страни на светот,  а годишните собранија на ИМАГО секоја година се организираат во различна земја членка.

ИАГА 2016 ќе се одржи на 13. и 14. септември во Битола, како пропратен настан на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, а ќе учествуваат околу 50 делегати од повеќе земји. Овој настан има големо значење за генерално претставување на нашата култура, афирмација на македонската кинематографија и за меѓународна промоција на Македонија како дестинација за професионална соработка во областа на филмската дејност.

Организацијата на ИАГА 2016 е помогната од страна на ИМАГО и Агенцијата за филм на Република Македонија.