Македонскиот долгометражен игран филм „Стравот и љубовта“ доби финансиска поддршка од SEE Cinema Network; Македонија домаќин на следното Генерално собрание на SEE Cinema Network

11/11/2016

 

Во период од 8. до 9. ноември во Солун, Грција присуствуваа претставници од земјите членки на Меѓународната филмска мрежа на Југоисточна Европа SEE Cinema Network, меѓу кои и директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, г-ѓа Мими Ѓоргоска Илиевска.

 На 8. ноември во склоп на Меѓународниот филмски фестивал во Солун беше одржан стратешки состанок со директорите од филмските центри на јужна и југоисточна Европа на кој беше дискутирано за начините и можностите за проширување на меѓусебната соработка и создавање на заедничка стратегија за справување со новите предизвици на модерното време. На состанокот присуствуваа претставници од Албанија, Бугарија, Грција, Македонија, Романија и Србија. Покрај останатото, учесниците дискутираа и за иницијативата за формирање на регионален филмски фонд со цел да одговорат на потребите на филмските професионалци во однос на продукцијата, дистрибуцијата и промоцијата на филмовите, при што беше договорено членките да ги разгледаат правните и техничките детали и можностите за реализација на ваков мултилатерален договор во своите земји.

Наредниот ден, на 9. ноември се одржа 27. Генерално собрание на Меѓународната филмска мрежа на Југоисточна Европа SEE Cinema Network не кое, покрај останатото, беа разгледувани пријавените филмски проекти кои оваа година аплицираа за финансиска поддршка за развој  на долгометражен игран филм. Од вкупно 11 (единаесет) пријавени филмски проекти, претставниците од земјите членки донесоа одлука да бидат поддржани вкупно 7 филмски проекти и тоа по еден филмски проект од земјите: Албанија, Бугарија, Кипар, Македонија и Србија и  два филмски проекти од Грција.

Од Македонија финансиска поддршка, во износ од 7.500 евра, доби долгометражниот игран филм „Стравот и љубовта“ во режија на Мето Јовановски и Бранко Балетич, поднесен од продуцентската куќа Гејзер Продукција, кој воедно има добиено финансиска поддршка и од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија.

Она што е од особена важност е тоа што на овој состанок беше дефинирано и тоа  дека Република Македонија ќе биде домаќин на наредното Генерално собрание на мрежата кое ќе се одржи во текот на месец јуни 2017 година.