Македонскиот филм „Кога денот немаше име“ продолжува со фестивалските успеси

08/06/2017

 

Македонскиот филм „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм на РМ, во текот на Јуни и Јули, ќе биде прикажан на два престижни фестивали, Сиднеј Интернационален Филмски Фестивал во Австралија и во Израел, на познатиот Ерусалим Филмски фестивал.

На филмскиот фестивал во Сиднеј, кој се одржува од 7 до 18 јуни, филмот ќе има две проекции, на 8 и 11 Јуни, како дел од програмата „Европски гласови од 10 жени режисери“. Оваа програма е заеднички организирана од ЕФП и Сиднејскиот Филмски фестивал, а е подржана од интернационалното списание за филм Screen International, каде што беше направена посебна најава за секој од филмовите и нивните режисери. Теона Стругар Митевска е во Сиднеј каде што ќе го престави филмот и ќе биде дел од конференцијата која фестивалот ја организира со фокус на новите визии на жени режисери од Европа.

Потоа филмот ќе биде претставен на филмскиот фестивал во Ерусалим од 13 до 23 Јули, кој што е еден од најстарите и најпрестижните фестивали во светот. Филмот ќе биде прикажан два пати во селекцијата Панорама. Ова е второ претставување на Теона на овој фестивал, по претходното учество со филмот „Јас сум од Титов Велес“.

Покрај учествата на фестивалите, продажниот агент на филмот „Серкамон“, обезбеди негова дистрибуција во Азија, со што ќе биде еден од ретките македонски филмови кој ќе се прикажува во кино салите низ Сингапур, Малезија, Виетнам, Камбоџа, Лаос, Индонезија, Филипини и Источен Тимор.

По проекцијата на филмот на канскиот маркет, во тек се и преговорите за неговата европска дистрибуција.