Македонски филмови наградени на Сараево Филм Фестивал

22/08/2017

 

„Avec l`Аmour“ освои трето место од публиката во Сараево, „Земјата на медот“ – 30.000 евра!

Документарниот филм кој е особено актуелен кај нас во последните десетина дена Avec l’Аmour, во режија на Илија Цветковски, ја освои третата награда од публиката на 23. Сараевски филмски фестивал.

Со филмот во продукција на Атанас Георгиев од „Трис филмс“, за приказната за професорот од Неготино, љубител на олдтајмери беше отворено и овогодинешното издание на „Македокс“ во Куршумли-ан.

Ова не е единствената награда за филм од Македонија на најголемиот фестивал на Балканот. „Honeyland“ („Земја на медот“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“ ја освои наградата за дело во развој или work in progress и „заработи“ 30.000 евра.

Босанскиот филм „Жаба“, во режија на Елмир Јукиќ, каде што македонски ко-продуцент е Томи Салковски и Скопје Филм Студио, доби најмногу гласови од публиката и ја освои Наградата од публиката.

Специјално признание од жирито доби актерскиот ансамбл на филмот „Насоки“ во режија на големиот бугарски режисер Стефан Командарев, во кој Македонија се јавува како еден од копордуцентите заедно со Бугарија и Германија. Македонски продуцент на филмот е Владимир Анастасов од „Сектор филм“.