Филмови подржани од страна на Филмски фонд на 32то издание на ИФФК „Браќа Манаки“

19/10/2011

На 17ти Октомври во 20 часот  во Центарот на култура во Битола во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“ беше одржана македонската премиера на филмот „Како да ме нема“ во режија на Хунаита Вилсон. Филмот претставува ирско-македонско-шведската копродукција. Сниман е речиси целосно во Македонија и речиси 90 проценти од актерите се од нашата земја. Главната улога во филмот ја толкува Наташа Петровиќ . Филмот е прикажан на околу 90 фестивали во целиот свет. По неговата македонска премиера најавена  е и негова дистрибуција. Филмот „Како да ме нема“ е ирски претставник за „Оскар“.

 

Светска премиера на два македонски филма:

На 32то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ светска премиера имаа краткиот филм „Митот за Сара“ во режија на Саша Станишиќ како и документарниот „Трагачи по звукот“ во режија на Сузана Диневски.

Проекцијата на „Трагачи по звукот“ се одржа на 17ти Октомври во Малата сала во Центарот за Култура со почеток во 18 часот. Филмот беше прикажан во склоп на Документарната програма. „Трагачи по звукот“ раскажува вистинска приказна за семејството Богданоски од Велес, тој го прикажува нивниот креативен процес во изработката на виолини. Филмот ја документира личната приказна на Светозар, македонскиот Страдивариус во Велес, на Костадин, Марија и Татјана, и нивната потрага по совршениот тон - звук, како бескрајни трагачи по звукот. 

Проекцијата на краткиот филм „Митот за Сара“ се одржа на 18ти Октомври во Големата сала во Центарот за Култура со почеток во 20 часот. Филмот беше прикажан во склоп на Програмата за кратки филмови. „Митот за Сара“ ја раскажува приказната за посетата од страна на Сара Бернар на француските војници на македонскиот фронт, во близина на градот Битола. Приказната започнува со доаѓањето на Сара Бернард во Битола во Август 1916 година. Во Битола доаѓа поради заљубеноста во еден француски генерал кој е еден од командантите на Фронтот а воедно и да ја забавува француската војска. Таа во тоа време имала 17 години и во Битола се задржала само едно деноноќие.

 

Прикажан „Синот“ во режија на Марко Ѓоковиќ

На ова издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во склоп на Програмата за кратки филмови беше прикажан и краткиот филм „Синот“ во режија на Марко Ѓоковиќ. Проекцијата се одржа на 19ти Октомври во Малата сала во Центарот за Култура со почеток во 15:30 часот.
Овој краток филм како тема го обработува насилството кое е едно од главните и актуелни проблеми на денешното секојдневие. Пораката на филмот е „насилството остава трага“ и раскажува за девијантното однесување на неколку тинејџери.

 

 

 

Утрински Весник: „Како да ме нема“ ја наполни салата во Битола

Дневник: „Kако да ме нема“ ги собра воздишките

Вечер: Наташа Петровиќ и на кино

МИА: Филмот „Како да ме нема“ наскоро во кино салите во Македонија