Патувачко кино на „Македокс“ од 12 до 25 Јули 2017

20/07/2017

 

Најромантичниот дел од активностите на фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“, патувачкото кино, од 12 Јули се одржува во Порече, каде што до 25 јули ќе помине низ осум места во таа област: Крапа, Девич, Црешнево, Требино, Локвица, Брест, Косово и Манастирец.

Патувачкото кино е дел од фестивалот уште од првата година. За да се задоволи потребата за културна децентрализација и реанимација на руралните области во Македонија и со желба да се сподели искуството на гледање документарни филмови, со што е можно поголем број луѓе, секоја година се организираат проекции во села и помали градови во различни региони од Македонија.

Патувачкото кино и оваа година беше вклучено во програмата на музичкиот „Д-фестивал“ во Дојран, од 14 до 16 јули, кога беа прикажани повеќе наслови од музичко-документарната филмска програма на „Македокс“.

Првпат во рамките на патувачкото кино ќе биде вклучена и работилница за креативен документарен филм, со наслов „Докуникулци“. На работилницата ќе учествуваат 12 млади филмофили на возраст од 15 до 18 години од Скопје, Тетово, Прилеп и од Битола. Работилницата ќе се одвива во три сесии: првата ќе се реализира на „Д-фестивал“ и во областа Порече за време на патувачкото кино, втората сесија ќе се случи за време на фестивалот во август, додека завршната сесија ќе биде реализирана наесен во Скопје.

Од 2010 година досега „Македокс“ се профилираше како повеќеслојна платформа што ја претпочита содржината пред формата и преку сите свои активности и комуникација со јавноста промовира естетски, етички и морални вредности, кои се препознатливи и ценети од сите што дошле во контакт со фестивалот. Во текот на изминатите седум години преку своите настани „Македокс“ успеа да допре вкупно до 117.900 гледачи, од кои 30.000 за време на фестивалот во Скопје, околу 80.000 како дел од образовната програма за деца и млади, околу 6.900 што присуствуваа на проекциите за време на патувачкото кино во 52 помали населени места низ Македонија и на околу 1.000 посетители на проекциите во рамките на дистрибутивните проекти на „Македокс“ - велат оттаму.

Осмото издание на фестивалот „Македокс“, кое ќе се одржи од 19 до 25 август во Скопје е поддржано од страна на Агенцијата за филм на РМ и потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа, а работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“ се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.

Распоред на проекции на „Македокс“ патувачкото кино:  

12.07.17 Крапа

14-16.07.17 Д-Фест, Дојран

18.07.17 Девич

19.07.17 Црешнево

20.07.17 Требино

22.07.17 Локвица

23.07.17 Брест

24.07.17 Косово

25.07.17 Манастирец