4.Фестивал на креативен документарен филм Македокс почнува утре

14/06/2013

Со проекција на филмот „Скопје 63“ по повод 50-годишнината од скопскиот земјотрес, во сабота во Куршумли ан ќе биде отворен четвртиот Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“, годинава под мото „Детоксикација“.

До 21 јуни ќе бидат прикажани филмови од повеќе земји, а покрај Куршумли ан, проекции ќе има и во Младинскиот културен центар. Од Македонија учествуваат четири документарци, на Игор Иванов-Изи, Синиша Ефтимов, Кирил Шентевски и на Петра Селишкар и Бранд Феро.

  Документарните теми ќе бидат поделени во четири програмски целини: главна програма, нови автори, балкански документарци и краткометражни документарни филмови.

Филмовите во конкуренција ќе бидат оценети и наградени со официјалните признанија на „Македокс“ – „Кромид“ за најдобар филм во меѓународна натпреварувачка програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ за најдобар филм за деца и млади и награда за филм со најдобри етички идеи.

Истакнати режисери и продуценти ќе ги споделат своите искуства со љубителите на документарни филмови во Куршумли ан, во т.н. Дискусии под смоква, секој ден во 18 часот. „Македокс“ и оваа година во август ќе патува низ градови во Македонија.

Подетално ОВДЕ