Филмот „Еклер“ од Марко Ѓоковиќ награден на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси

06/09/2017

 

На 23-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, Франција, голем успех постигна македонскиот краткометражен филм „Еклер“ на Марко Ѓоковиќ, кој ја доби Големата награда на фестивалот, што се доделува за сите натпреварувачки селекции на фестивалот.

Меѓународното жири составено од филмски прифесионалци: Елица Петкова, режисерка од Бугарија, Хајме Патрицио Пинто Гарридо режисер од Чиле и Карлос Рендон Зипагуата режисер од Колумбија, едногласно ја доделија најпрестижната награда на фестивалот за македонскиот филм, во кој, според нивното образложение, режисерот покажал голема уметничка вештина и кинематографски квалитет, како во водењето на играта на актерите, така и во начинот на кој е обработена тематиката, со користење на многу хумор.

Авторот на филмот Марко Ѓоковиќ на публиката во преполната сала и се обрати со видео порака.

Филмот „Еклер“ ја третира приказната за синот на готвачката од Маршаловата вила, кој по десет години добива шанса да ја вкуси храната што цел живот гледа како се готви, а не смее да ја допре.