Започнува 5то издание на Мобил Филм Фестивал

27/11/2014

Петтото, јубилејно издание на Интернационалниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон Мобил Фестивал  започнува денес и ќе трае до 29-ти ноември во Скопје. Фестивалот е во организација на КТ Филм&Медиа продукција од Битола, со поддршка на Агенција за филм во Република Македонија. Филмовите од Џуниор, натпреварувачката, регионалната и интернационалната програма на Мобил Фестивал и оваа година ревијално ќе бидат прикажани и низ други градови во Македонија.

Во рамки на својата програма а во соработка со Агенцијата за филм на Р.Македонија, фестивалот ќе одржи и работилница „Нов бизнис модел за дистрибуција на независни филмови“ што ќе ја води Nawid Sarem, проект координатор од Eye On Films, од Франција. Овој нов бизнис модел ги промовира дебитантските  филмови и  новите автори преку заедничка промоција на филмски фестивали и по  медиуми од страна на локалните дистрибутери. Работилницата ќе се одржи денес во МКЦ со почеток во 16:00 часот.

Главната награда за најдобар филм „Лале“, е посветена на Ратка Илиевска – Лале, жената што сиот свој живот го посвети на филмот и преку својата работилница „Едвуд“ едуцираше голем број на филмаџии, писатели, уметници.

Мобил Фестивал е со меѓународен карактер и единствен фестивал од ваков вид во регионот. Оваа година особен акцент ќе биде ставен на регионалната соработка. Филмовите од Мобил Фестивал добиваат своја промоција на најголемите светски фестивали од овој вид како International Mobil Film Festival од Сан Диего, САД, MINA (Mobile Innovation Network Aotearoa) од Нов Зеланд, Hong Kong Mobile Film Festival (HKMFF) од Хонг Конг, Seoul international Extreme-Short Image & Film Festival (SESIFF) од Јужна Кореја, CINEPHONE од Барселона, Шпанија, Teheran Mobile Film and Photo Festival од Иран и други.

Фестивалската програма е достапна на веб страната на Мобил фестивал  www.mobilefestival.net.