Филмови од Манчевски и Ѓоковиќ во официјалната програма на фестивалот во Нанси

12/07/2017

 

Два краткометражни филма на македонски режисери – „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски и „Еклер“ во режија на Марко Ѓоковиќ, се селектирани во официјалната натпреварувачка програма на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, Франција, кој ќе се одржува од 25 август до 3 септември 2017.

Новиот филм на Манчевски, кој е кубанско-американска копродукција, е во новата натпреварувачка селекција на фестивалот од Нанси – ЛАБО за експериментални филмови.

Краткометражниот филм „Еклер“ во режија на Марко Ѓоковиќ, ќе биде прикажан во меѓународната селекција.

До организаторите на фестивалот од Нанси годинава беа испратени вкупно 2352 пријави за учество на краткометражни филмови од целиот свет, од кои само седумдесетина се наоѓаат на фестивалската програма.

Со Меѓународниот филмски фестивал во Нанси од 2013 година претседава македонскиот новинар Тони Гламчевски, кој ја има и функцијата на главен програматор на фестивалот. Тој го изрази своето задоволство од изборот на македонските режисери бидејќи првпат во натпреварувачка селекција во оваа категорија на фестивалот ќе има македонски автори во 23-годишната историја на фестивалот.