Отворено 10-то издание на CINEDAYS

11/11/2011

Со филмот „Во подобар свет“ на Сузан Биер вчера вечер во Градското кино „Милениум“ се  отвори 10-то издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“, кој ќе трае до 20 ноември и  ќе понуди повеќе од 70 филмови.
Филмовите ќе се прикажуваат во сите пет кино сали во Скопје - „Милениум“, „Фросина“, „Рамстор“, „Кинотека на Македонија“ и киното под отворено небо на плоштадот „Македонија“. Предвидени се повеќе премиери, музички концерти, забави, предавања и работилници.
Во официјалната конкуренција се 12 филмови, селектирани од Бернд Будер. 
Оваа година програмата „Балкан линк“ е преименувана во „Сине Балкан“ и во неа има осум филмови. 
Во Кинотеката на Македонија, во нововоспоставената програма од оваа година „Земја во фокус“, ќе бидат претставени кинематографиите на Словенија и Грузија.
Програмата „Македонија и Европа“ ги содржи остварувањата на продуцентите и актерите од Македонија, кои соработувале вон границите на Македонија, во Словенија, Турција, Албанија, Италија...
На фестивалот годинава ќе бидат доделени повеќе награди - „Златна ѕвезда“ (за најдобар филм), „Сребрена ѕвезда“ (за најдобар режисер), „Плава ѕвезда“ (за најдобро сценарио) и „Златно сонце“ - награда за најдобар балкански филм. Жирито го сочинуваат режисерот Огнен Цвиличиќ од Хрватска, филмскиот критичар Нил Јанг од Велика Британија и нашиот млад режисер Дарјан Пејовски. 
Повеќе на: www.cinedays.com.mk