Позитивни реакции за филмот „Кога денот немаше име“ по Берлинскиот филмски фестивал

09/03/2017

 

По успешното преставување на македонскиот филм „Кога денот немаше име“ на Берлинскиот филмски фестивал, позитивните реакции, критики, и покани за фестивали не стивнуваат. „Кога денот немаше име“ имаше одличен прием кај публиката и не беше заобиколен ниту од страна на критичарите кои го препознаваат како еден од поинтересните проекти на овогодинешното берлинско фестивалско издание.

Престижниот портал специјализиран за европски филмови Синеропа (Cineuropa) излезе со многу позитивна критика, опишувајки го филмот како „најдобро остварување на Теона Митевска која со овој филм прави нов, смел исчекор нанапред“, „инспириран од вистински настан, но кажан од обратна перспектива“, „тежок филм, но е вистинска награда да се види“. „Митевска ја достигнува својата порака доаѓајќи од различни места, раскажувајќи ја некогаш на многу софистициран начин, а некогаш многу брутално и директно, но визуелно Кога денот немаше име е прецизно изрежиран филм со јак визуелен стил и моќен дизајн на звук, кој на моменти го превзема раскажувањето на приказната на точни и добро избрани места, особено која се појавува возменирувачката, тензична музика на Жан Пол Деси (Jean Paul Dessy). Изборот на актери без или со многу мало актерско искуство, го носи филмот таму каде што можеби и самиот режисер не замислувал. Нивните индивидуални карактеристики проникнуваат низ филмот како пиреј, неочекувано додавајки (многу почесто) вознемирувачки и (ретко) оптимистички страни на карактерите кои ги толкуваат“.

Референтниот Скрин Дејли (Screen Daily) го опиша филмот како филм „со мрачна тема доловена со непоколебливиот објектив на Ањес Годар, што го прави тежок, дури и за балканскиот регион. Ова е филм кој најдобро ќе проаѓа кај софистицираните фестивалски публики кои ќе го ценат натуралистичкиот пристап на режисерот и суровo искрениот портрет на македонските тинејџери“.

Јуриша Павичиќ, за хрватскиот Јутарни Лист (Jutarnji List) пишува, „Македонскиот филм се подигрува со фактите и фикцијата, за која најверојатно ќе има приговори, но филмот како филм е тешка, но мошне интересна студија за машката адолесценција во земјите губитнички во транзицијата“.

За босанскиот весник, Ослобоџење (Oslobođenje), критичарот вели „Впрочем приказната за која овој филм доста визуелно експресивно зборува, е за една изгубена млада генерација, која не е карактеристична само за Македонија, туку и за целиот Балкан. Филмот Кога денот немаше име нема формула на трилер, иако на моменти поседува елементи од тој жанр, кои се умешно прикажани преку напрегната атмосфера на исчекување на нешто непознато, со најавена катастрофа преку музичката и звуковата подлога“.

Филмот од Берлин, го започна својот фестивалски живот, продолжувајќи со Филмскиот фестивал во Софија, каде ќе биде прикажан на 17 Март во компетитивната програмата фокусирана на балкански филм. Во април го очекуваат уште два фестивали во главната конкуренција, прво, Фестивалот на европскиот филм во Лече, Италија каде Лабина Митевска беше наградена за главната женска улога во „Јас сум од Титов Велес“, а потоа и на Филмскиот фестивал во Линц, Австрија, каде пред десетина години Теона Митевска ја освои првата наградa за режија за својот првенец „Како убив светец“.

Почетниот успех на филмот ветува богата и плодна фестивалска турнеја и се надеваме дека ќе продолжи да привлекува внимание и да предизвикува дебати и достојно и достоинствено да ја претставува македонската кинематографија.