Премиера на долгометражниот филм „Збор“

28/10/2015

На 29 октомври, со почеток во 20 часот во киното „Милениум“ премиерно ќе биде прикажан филмот „Збор“ кој е по сценарио и во режија на Слободан Деспотовски. Филмот кој се реализира со поддршка на Агенцијата за филм на РМ и МРТ  е во проукција на „СД Продукција“. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Сенко Велинов,  Диме Илиев, Игор Стојчески, Ана Стојановска, Ванчо Петрушевски, Илбер Муртези, Гораст Цветковски, Катерина Шехтанска, Роберт Велјановски.

Долгометражниот игран филм, „Збор“ од 30 октомври ќе биде на редовен репертоар во киното „Милениум’, а  од наредната недела ќе биде прикажан и на редовниот репертоар во кината во повеќе градови во Република Македонија.

Филмот ја раскажува приказната за двајца пријатели: Горди – кој го почитува законот и кој сака да се обезбеди за староста што доаѓа но и да ја обезбеди иднината на неговата ќерка Александра, и Арно – некогашен легионер, човек без вера ни закон.  Приказната открива дека Горди баш и не го почитува законот и дека Арно сепак има еден закон – дадениот збор, кој ќе го почитува на свој, крвав, начин.