Утре отвора 18. Скопски филмски фестивал

16/04/2015

Скопскиот филмски фестивал кој годинава ќе се одржи во период од 17ти до 24ти април,  во рамките на осумте фестивалски дена нуди богата програма со над 60 филмови од најновата светска, европска и македонска продукција. На фестивалот премиерно ќе бидат прикажани и три филма од регионот кои се направени во копродукција со Македонија – „Такви се правилата“ на  Огњен Свиличиќ, во кој копродуцент е Светозар Ристовски. Филмот ќе биде прикажан на 18ти април со почеток во 20 часот во кино Милениум а на проекцијата ќе присуствува и режисерот и сценарист Огњен Свиличиќ. Режисерот е и гостин на фестивалот и ќе одржи работилница насловена „Патувањето на херојот“.

Македонска премиера ќе имаат и бугарскиот „Пресуда“ на Стефан Командарев, во кој игра Мики Манојловиќ, и  словенечкиот „Инферно“ на Винко Модерндорфер – приказни за човечки судбини. На затворањето на фестивалот ќе биде прикажан и македонскиот краткометражен филм „Карма“ во режија на Владимир Митревски.

Во една од улогите  во премиерата на германско-австралиската копродукција „Еликсир“ во режија на Броди Хигс, ќе ја видиме и македонската актерка Наташа Петровиќ. Новина на годинешното издание е програмата на хорор филмови насловена „Повеќе од хорор“ во рамките на која ќе бидат прикажани четири исклучителни дела од светската кинематографија. Во придружната програма на фестивалот ќе бидат опфатени и неколку работилници и мастеркласеви, а се очекува и присуството на специјални гости. Проекциите на филмовите ќе се одржуваат во кино Милениум и Кинотека на Македонија.

Подетално за фестивалот и годинешната програма, ОВДЕ