Промовирани проектот „Катавеј онлајн и офлајн: Нови дигитални форми за филмска дистрибуција на Балканот“ и онлајн-платформа „Синесквер“

21/04/2017

 

Во просториите на Агенцијата за филм на Република Македонија на 20 Април 2017 се одржа прес-конференција која ја организираа дистрибутерската куќа „Катавеј“ од Скопје, Агенцијата за филм на РМ и Канцеларијата за потпрограмата Медиа на Креативна Европа. Повод за средбата со претставниците на медиумите беше меѓународниот проект „Катавеј онлајн и офлајн: Нови дигитални форми за филмска дистрибуција на Балканот“, кој е поддржан од Потпрограната МЕДИА на Креативан Европа, во делот на Он-Лајн Дистрибуција и во кој Р. Македонија е носител, а се состои од кино и онлајн дистрибуција на холандската детска комедија „Малиот гангстер“, која од 20 април се прикажува во кино салите во Македонија, Хрватска и во Албанија, синхронизирана на јазиците од трите земји, како и на Video on Demand платформата Cinesquare.net, која што исто така беше промовирана и која што е реализирана со поддршка на „Еуримаж“. Двата проекта се поддржани и од страна на Агенцијата за филм на РМ.

- „Синесквер“ е еден видео-библиотека во која има филмови од 13 земји од ЈИЕ, а цената за гледање на еден долгометражен игран филм, изнесува 1 евро. Среќен сум што на оваа ВОД Платформа, во секој момент ќе бидат достапни и голем број на македонски филмови. ВОД платформите се карактеризирани како нова надеж и иднина на филмската промоција и прикажување и веќе се реалност во голем број земји од Европа и САД. Оваа ВОД платформа е единствената која прикажува филмови од овој дел на светот. Што се однесува до филмот „Малиот гангстер“, со задоволство информираме дека повеќе илјади деца ќе го видат во една недела. Очекуваме дека ќе го срушиме и рекордот на гледаност на еден филм во период од една недела во 22 града во земјава – рече Трајкоски, иницијатор на проектот и менаџер во „Катавеј“

- Освен тоа што поддржува филмска продукција, Агенцијата за филм на РМ, поддржува и промовирање на филмската култура, како и нови начини за кинодистрибуција, не само на македонски, туку и на европски филмови. Од лани почна со работа МЕДИА дескот во Македонија и радува тоа што за многу краток период македонските проекти се препознаени по квалитетот, а тука се вбројува и „Катавеј онлајн и офлајн: Нови дигитални форми за филмска дистрибуција на Балканот“. Овој проект, како и платформата cinesquare.net, ќе бидат промовирани и во рамките на македонскиот ден на штандот на Југоисточна Европа на Филмскиот фестивал во Кан. Благодарение на овој проект филмофили од Југоисточна Европа ќе можат во секое време да ги гледаат бисерите на македонската кинематографија, како и филмовите од целиот Балкан. Оваа „видео библиотека“ ќе биде достапна за гледање во било кое време во 13 држави од Југо-Источна Европа, а тука се вбројуваат и легендарните македонски филмови како „Македонска крвава свадба“, „Мис Стон“, „Солунските атентатори“, исто така и дел од поновата македонска кинематофрафија како „Тетовирање“, „Панкот не е мртов“, „Ова не е американски филм“, но и голем број на кратки и документарни филмови. За почеток, сите филмови имаат англиски превод, а дел се преведени и на јазици од земјите од Југоисточна Европа - рече Ѓоргоска-Иливска, директорка на Агенцијата за филм РМ. 

- Поддршката на потпрограмата МЕДИА за одреден проект не е значајна само од финансиски аспект, туку претставува и еден вид на признание за неговиот квалитет. Компанијата „Катавеј“, која ја доби поддршка од потпрограмата МЕДИА во делот за онлајн-дистрибуција за проектот „Катавеј онлајн и офлајн: Нови дигитални форми за филмска дистрибуција на Балканот“, за првпат во регионот ќе обедини три држави, во кои во исто време ќе има прикажување на европски детски филм синхронизиран на три јазици, во кино и на ВОД. Детскиот холандски филм „Малиот гангстер“ е еден од најдобрите холандски семејни филмови во последните години и истиот е победник на најголемите филмски фестивали за деца во светот, како што се „Синекид“, „Џифони“ и „Оулу“. Филмот е наменет за најмладата публика од 8 до 14 години и претставува одличен избор за на него да се базира овој проект, задоволувајќи со тоа голем дел од критериумите на програмата МЕДИА, како што се филмска едукација, градење на публика и алтернативна дистрибуција. Комбинирајќи кино и онлајн дистрибуција, очекуваме филмот да достигне голем број на гледачи. Исто така, овој смел бизнис модел се очекува да поттикне провокативни идеи и методи за промоција на филмовите на Балканот и пошироко - рече Владимир Стојчевски, раководител на македонската канцеларија за потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа.