„Реквием за Госпоѓа Ј“ на најголемите фестивали во регионот

06/03/2017

 

Играниот филм „Реквием за Госпоѓа Ј“ на режисерот Бојан Вулетиќ, кој својата Светска премиера ја имаше на 67. Берлинaле, ќе се прикаже на 45. Меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Србија.

Замислен како годишен пресек на најдобрите филмови од минатогодишната светска продукција, ФЕСТ Белград прерасна во еден од најважните филмски фестивали и стана значаен настан во културниот живот на Белград, со кој израснаа многу млади генерации.

Фестивалот се одржува од 24 февруари до 5 март, а филмот ќе се прикажува во рамките на програмата Српски филм, на 4 март во Сава Центар во 19 часот, 5 март во Сава Центар во 13.30 часот, 5 март во Фонтана во 21 часот и на 7 март во Центарот за култура Влада Дивљан во 19.30 часот.

По ФЕСТ, „Реквием за Госпоѓа Ј“ својот фестивалски пат го продолжува на 21. Интернационален филмски фестивал во Софија, кој се одржува од 9 до 19 март. Она што започна како тематски музички филмски фестивал, мина низ 20 претходни изданија за да стане филмски настан на годината, кој ги доближува сегашните трендови на светската кинематографија на својата публика. Истиот е вброен во најдобрите 50 филмски фестивали на листата на Variety. Филмот ќе се прикажува во главната натпреварувачка програма, со проекции закажани на 14 март во Дом на киното во 18.30 часот и на 15 март во 16.30 часот.

„Реквием за госпоѓа Ј“ обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална и емотивна криза која владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Приказната ги следи животите на четири жени кои припаѓаат на различни генерации: мајка, нејзините две ќерки и свекрва. Главниот лик, Госпоѓа Ј, откако останува без работа и пензија, бара начин материјално да го обезбеди своето семејство. Постарата ќерка крие дека е трудна, помладата ќерка влегува во бурен пубертет, а свекрвата само молчи и не комуницира со никого. На еден поинаков начин, преку црн хумор, овој филм се обидува да зборува за сериозни теми од животот во транзиција.

Сценариото е на Бојан Вулетиќ, директор на фотографија е Јелена Станковиќ, сценограф е Зорана Петров, костимограф Лана Павловиќ, шминка Јасмина Лилиќ, а монтажата е на Владимир Павловски. Улогите ги толкуваат: Мирјана Карановиќ, Даница Неделковиќ, Мира Бањац, Јована Гавриловиќ, Срѓан Тодоровиќ и др. Продуцент е Ненад Дукиќ-СЕЕ Филм Про (Србија), ко-продуценти се Павлина Желева-Геополи Филм (Бугарија), Томи Салковски-Скопје Филм Студио (Македонија), Александер Родњански (Русија) и Алис Ормиерес-Surprise Alley (Франција).

Реализацијата на проектот беше помогната од  Агенцијата за филм на РМ, Српскиот филмски центар и Бугарскиот национален филмски центар, а подршка даде и Еуримаж-Европски копродукциски фонд на Европска Унија.

 

Линкови:

 http://www.screendaily.com/reviews/requiem-for-mrs-j-berlin-review/5115000.article 
http://www.hollywoodreporter.com/review/requiem-mrs-j-review-974736 
http://www.fest.rs/Filmovi/3571/REKVIJEM-ZA-GOSPODJU-J.shtml 
http://siff.bg/en/movies/international-competition/requiem-for-mrs-j