„Човекот со чудна навика да ме мава со чадор со глава“ награден за најдобар краткометражен филм на Фестивалот "SEE a Paris"

22/05/2013

„Човекот со чудна навика да ме мава со чадор со глава“ во режија на Вардан Тозија е добитник на наградата Најдобар краткометражен филм на овогодинешното трето издание на фестивалот „SEE a Paris“ кој се одржа во периодот од 22- 25 мај во Париз. Фестивалот ги преставува културите на сите 12 земји од Југоисточна Европа обединувајќи ги нивните духовни традиции. Богатата филмска, книжевна и музичка програма се одвиваше во два ексклузивни простора: Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации INALCO и  филмскиот и музички културен центар L’Entrepot.

На отворањето на фестивалот францускиот актер Тјери Фремон му ја врачи наградата Гранд При Актер на Југоисточна Европа на познатиот македонски филмски и театарски актер Мето Јовановски и беше прикажан филм за неговиот пат во уметноста. Честа да го отворат Фестивалот ја имаа црногорскиот култен режисер Бранко Балетиќ со ексклузивниот документарен филм “Вечниот Његош”  и хрватскиот игран филм “Ноќни бродови” на режисерот Игор Мирковиќ.

Во официјална конкуренција учествуваа уште седум играни филма на истакнати режисери од Балканот, како и десет кратки и шест анимирани филмови од сите 12 земји на регионот.
Во конкуренцијата од Македонија освен „Човекот со чудна навика...“ се прикажаа и  „Душан“ на Илија Цветковски, „Помеѓу рај и пекол“ во режија на Ибрахим Деари,  „Игра и спас“ на Горан Тренчовски и „Се' е пари“ на Дукаѓин Борова.

Повеќе информации за фестивалот на http://www.seeaparis.com/