“Осветлената темнина„ и „Кружно патување на Марето“ наградени на „Астерфест“

02/06/2016

Главното жири на 12. Интернационален филмски фестивал „Астерфест“ во состав: Русомир Богдановски, Нарциса Даријевиќ Марковиќ и Николас Нојхолд, додели Сребрена потковица на документарниот филм „Осветлената темнина“ на Арсим Фазлија и Старозлатен проектор за анимираниот филм „Кружно патување на Марето“ во режија на Жарко Иванов.

Фестивалот традиционално се одржа во градот Струмица во периодот од 27-31 мај под мотото: „Мали приказни, голем ум“ и понуди богата фестивалска програма од 21 краткометражен, документарен и анимиран филм во главна конкуренција, 12 во ревијална програма како и 4 догометражни филмови, од 17 земји од светот. На свеченото отворање на фестивалот свое обраќање имаше и директорката на Агенцијата за филм на Р. Македонија, Мими Ѓоргоска Илиевска. Наградата Астер за високи достигнувања во светскиот филм му беше доделена на германскиот сценарист, режисер и продуцент Вајт Хелмер  од страна на директорката на Агенција за филм, додека словенечкиот актер и сценарист Борис Каваца го доби Специјалното признание за високи достигнувања во филмската уметност. 

Во ревијалната ретроспективна програма беа прикажани и анимираниот „Девојката што паѓа“ во режија на Владимир Лукаш и краткометражниот „Карма“ во режија на Владимир Митревски кои се поддржани од Агенцијата за филм на Р: Македонија, додека програмата Мувиленд  годинава беше посветена на современите кратки филмови од Израел а како куриозитет беше прикажан и филмот „Жед“ на Димитрие Османли, во реставрирана и дигитализирана верзија од Кинотеката на Македонија.