„Влакна“ со награда на фестивал во Хјустон

17/04/2014

Краткиот филм „Влакна“ ја доби наградата „Gold Remi“ во категоријата краток трилер/мистерија на 47. издание на фестивалот „Ворлдфест Хјустон“ во Хјустон, Тексас во САД.
Станува збор за награда на третиот по ред најстар филмски фестивал во САД и еден од најстарите во светот на кој секоја година се пријавуваат повеќе илјади филмови, а се селектираат околу 120 во официјална конкуренција.
Учеството на фестивалот во Хјустон за „Влакна“ беше интернационална премиера, по неговото прикажување на фестивалите „Браќа Манаки“ и „Синедејс“ во Македонија. „Влакна“ минатиот викенд беше прикажан и на фестивалот „Норт Холивуд Синефест“ во Лос Анџелес, Калифорнија.

Краткометражниот „Влакна“ е трилер – приказна за детективка која истражува убиство на мало девојче со влакно како клучен доказ.
Филмот е во продукција на „Партес“, по сценарио и режија на Елеонора Венинова. Главните улоги во филмот ги толкуваат македонската актерка Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ, а играат и Слаѓана Вујошевиќ, Марија Арсенкова и Трајче Црвенов. Продуцент на филмот е Небојша Илијевски, директор на фотографија е Димо Попов, автор на музиката е Дејан Спасовиќ, сценографијата е на Филип Велковски и на Никола Анѓелковски, монтажата на Бошко Столиќ, а изборот на костими го направи Верица Андреевска - Спасовиќ.
„Влакна“ е поддржан од Агенцијата за филм на РМ (Филмскиот фонд на Република Македонија). Остварувањето  на филмот исто така активистички го поддржуваат и ОВС Индустрис, ресторанот „Антица“, „Лице в лице“ - регионалната платформа за активизам и Агенцијата за социјален адвертајзинг „Партес“.