Започна снимањето на краткиот игран филм „Карма“

20/10/2014

Во саботата, на 18 октомври 2014 година, падна првата клапа на краткиот игран филм “КАРМА” во режија и по сценарио на Владимир Митревски. Снимањето на филмот ќе се одвива до 21ви октомври на повеќе локации во Скопје.

Филмот “Карма” е кратка приказна за неколку човечки судбини кои меѓусебно се преплетуваат. Централна фигура е Боби (Димитрија Доксевски) млад човек и татко, чие дете боледува од тешка болест. Неговата цел е по секоја цена да обезбеди средства со цел да го спаси својот син и поради тоа прифаќа да учествува во грабеж на банка, воден од неговите пријатели Мичо (Милан Тоциновски) и Бугар (Аксел Мехмед), сметајќи дека тоа е единствениот начин.

Актерската екипа ја сочинуваат Димитрија Доксевски, Милан Тоциновски, Аксел Мехмед, Симона Спировска, Дениз Абдула, Александар Михајловски, Ненад Нацев, Владимир Петровиќ, Симон Манасковски, Калин Крајчевски и Владимир Митревски.

Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за Филм на Република Македонија. Копродуценти на филмот се Факултетот за драмски уметности од Скопје и Living Pictures од Белград.