Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за филм на Република Македонија и ФИОФА

27/06/2017

 

За време на одржувањето на првата сесија од престижната професионална програма за развој на филмски проекти „MIDPOINT Feature Launch“, од 10. до 16. јуни на Филмската Академија во Охрид и на која учествуваа дваесеттина млади сценаристи, продуценти и режисери од светот, на 13. јуни од страна на Директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, г-ѓата Мими Ѓоргоска Илиевска и Директорот на Филмската Акдемија од Охрид (ФИОФА), г-динот Роберт Јазаџиски, беше потпишан меморандум за соработка помеѓу двете институции, со што се официјализираше реализацијата на работилницата на МИДПОИНТ во Охрид, но и сите идни соработки кои што ќе следат. 

Со меморандумот се утврдува меѓусебната соработка на двете институции преку размена на релевантни информации и досегашни и нови искуства кои се од заеднички интерес (стручни совети, публикации, научни информации и сл.), учество на стручни едукации, семинари, конференции, тркалезни маси и други манифестации поврзани со јакнење на капацитетите и квалитетот на услугите на двете институции.

Како потсетување, освен континуираната поддршка на производството на филмови од национален интерес за Република Македонија а во интерес на развојот и унапредувањето на филмската дејност, минатата година за првпат во рамки на конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес, од страна на Агенцијата за филм беа поддржани и 8 дипломски филмови како и проекти за стручно и професионално усовршување на кадри од областа на филмот, за издавање публикации од областа на филмската дејност, за членство на Република Македонија во меѓународни филмски организации и бројни едукативни програми за унапредување на филмската култура.