Проектот „Сестра“ на Дина Дума награден на копродукцискиот маркет „Конектинг Котбус“

14/11/2016

 

Проектот „Сестра“ на режисерката Дина Дума  и продуцентката Марија  Димитрова ја доби наградата Post Pitch Award на 18. издание на копродукцискиот маркет „Конектинг Котбус“ кој се одржа  во рамки на Филмскиот фестивал во Котбус, Германија.

На маркетот беа претставени десет проекти селектирани од 121 пријави  кои беа презентирани пред европски продуценти, финансиери и фондови со цел да се обезбедат средства за реализација на проектите. Проектите се натпреваруваа за 4 награди  меѓу кои и coco Post Pitch Award во износ од 25.000 евра во опрема и пост продукциски услуги – доделени на македонскиот проект „Сестра“ од страна на тричлено жири.

Во рамки на филмскиот фестивал во Котбус кој се одржува во период од 08.-13. ноември и се смета за водечки фестивал во светот посветен на источноевропската кинематографија, ќе бидат претставени и три македонски копродукции: „Доме слатки доме“ во режија на Фатон Бајрактари (Косово/Македонија), „Ноќен живот“ во режија на Дамјан Козоле (Словенија/ Македонија/ Босна и Херцеговина) како  и „Духот на баба Илонка“ во режија на Томислав Жаја (Хрватска/Македонија/Австрија).

Проектите се финансиски поддржани од Агенција за филм на Република Македонија.