Скопска премиера на „Лазар“ на Светозар Ристовски

25/04/2016

      Во рамки на Скопскиот филмски фестивал вечерва во кино „Милениум“ ќе биде прикажан најновиот долгометражен филм „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски - премиерно во Скопје по неговата светска премиера на минатогодишното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

      Актерската екипа ја сочинуваат хрватскиот актер Ведран Живолиќ во ликот на Лазар и македонската актерка Наташа Петровиќ во улогата на Катерина, а исто така играат и Горан Навојец, Дејан Лилиќ, Владо Јовановски, Тони Михајловски, Красимира Кузманова, Александар Сано и Александра Балмазовиќ. Сценариото на филмот го потпишуваат Светозар Ристовски и Грејс Леа Троје а кинематографер е Дејан Димески.

       Филмот е копродукција меѓу Македонија (Small Moves Production), Бугарија, Хрватска и Франција и истиот е поддржан од Агенцијата за филм на Р. Македонија како мнозински филмски проект. „Лазар“ има добиено и финансиска поддршка од европскиот филмски фонд „Еуримаж“.

      19. издание на Скопскиот филмски фестивал  кое ќе трае до 30 април ќе понуди богата филмска и придружна програма од над 80 филмови, вклучувајќи и кратки и документарни филмови од најновата македонска продукција. Проекциите на филмовите ќе се одвиваат во кината „Милениум“ и „Фросина“ и Кинотеката на Македонија.

        Подетално за фестивалската програма на http://www.skopjefilmfestival.com.mk/