Започна 16. издание на Синедејс

10/11/2017

 

Во периодот од 9. до 19. ноември 2017 година, во организација на Младинскиот културен центар се одржува шеснаесеттото издание на Фестивалот на европски филм Синедејс, кој и оваа година како и сите претходни, ќе се обиде да го задоволи изградениот вкус на својата многубројна и верна публика. Фестивалот се одржува под мотото „Скопска линија, европска вожња или зошто омилената станица во Скопје е токму фестивалот Синедејс.

Годинешниот Синедејс нуди филмови што гравитираат во веќе познати програмски целини: Официјална селекција, CineBalkan, Гала програма, Музички документарци, шведски филмови, МК-Кратки филмови, CINEDAYS+, Студентска програма, Детска програма и богата придружна програма од работилници и музички настани.

Во рамките на фестивалот ќе се случи македонската премиера на филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески, а покрај овој филм и селекцијата на македонски кратки филмови, ќе бидат прикажани и неколку остварувања каде што Македонија се јавува како земја ко-продуцент, како што се босанскиот филм „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ, во кој македнски ко-продуцент е Томи Салковски, рускиот филм „Хармс“ во кој учество зема македонскиот продуцент Сашо Павловски, бугарскиот филм „Насоки“ во режија на режисерот Стефан Командарев каде македонски продуценти се Владимир Атанасов и Ангела Несторовска и филмот „Словенија, Австралија и утре целиот свет“ во режија на словенечкиот режисер Марко Набершник каде свое учество има македонскиот продуцент Роберт Насков.

Фестивалот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РМ и Град Скопје, а целосната програма и сите информации околу фестивалот се достапни на официјалната веб страна.