Десеттиот Астерфест под мотото "Ново и Старо"

23/01/2014

Актерката Љупка Џундева е првиот лауреат на јубилејното 10-то издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“во Струмица. Таа е овогодинешен добитник на почесното признание на Астерфест и Тивериополската филмска алијанса за посебен придонес во филмската и драмската уметност. Џундева толкувала впечатливи улоги во низа македонски долгометражни и кусометражни играни филмови, како и во ТВ серии и драми. Таа е родена во 1934 во Скопје, а нејзината актерска кариера започнува со првиот македонски игран филм и активно трае сѐ до денес. Наградата на Џундева свечено ќе ѝ биде доделена на фестивалот кој ќе се одржи од 27 до 31 мај оваа година.

Другиот лауреат, добитникот на авторската награда „Астер“ ќе биде соопштен на посебен прес во Струмица.

„Астерфест“ е интернационален филмски фестивал востановен во 2005 година. Фестивалот досега континуирано промовира селектирани компетиции во категориите на краткиот игран, креативниот документарен и анимираниот филм.

Фестивалското мото на јубилејниот „Астерфест“ е „Ново и старо“.

Во текот на целата година, во знак на деценискиот јубилеј, Тивериополската филмска алијанса во соработка со разни субјекти ќе организира повеќе активности во Струмица, државата и странство. Некои од претстојните програмски активности се: филмски вечери со авторите Бранко Ставрев и Желимир Гвардиол, премиера на краток филм на Ице Виранов, промоција на едицијата „Словенски Орфеј“, издавање на монографска публикација за брендот „Астерфест“, ретроспектива на наградувани и тематски филмски циклуси, креативно-едукативни работилници, портрети, изложби и др.

Решението за дизајнот е на Розита Волкович, струмичанка која живее во САД.

Во чест на лауреатката Љупка Џундева, на 24 јануари (петок) во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, ќе се прикаже долгометражниот игран филм „Мирно лето“ во режија на Димитрие Османли.

Овогодинешниот Астерфест е под финансиско покровителство на Министерството за култура, Општина Струмица и Делегацијата на ЕУ, а ќе го помогнат и неколку амбасади и други институции. Традиционален партнер на „Астерфест“ е Кинотеката на Македонија.