Отворена 148та Седница на Бордот на Директори на Еуримаж

19/10/2017

 

Република Македонија е домаќин на 148то Генерално Собрание на Бордот на Директори на Еуримаж, кое се одржува од 16. до 20. октомври, во организација на Агенцијата за филм на Република Македонија, на која што присуствуваат над 60 претставници на земјите членки од цела Европа и Канада.

Денес (19. октомври) во хотелот Холидеј Ин во Скопје, со почеток од 9 часот, во присуство на Претседателката на Еуримаж, г-ѓа Кетрин Траутман, Извршниот директор на Еуримаж г. Роберто Ола, Заменикот Извршен директор на Еуримаж г. Енрико Венучи и националните претставници на земјите членки на Еуримаж, Министерот за култура на Република Македонија, г. Роберт Алаѓозовски ја отвори 148та Седница на Бордот на Директори на Еуримаж, и по тој повод истакна дека му претставува особена чест и задоволство што Македонија е домаќин на Еуримаж. Покрај тоа, Министерот ја изрази својата увереност дека оваа сесија ќе резултира со успешни ко-продукции, со што ќе се придонесе кон унапредување на меѓународната соработка, искористувајќи ја можноста да се заблагодари за досега поддржаните македонски проекти. Воедно, го истакна значењето на Еуримаж како најголем европски фонд за копродукции без чија поддршка нема да можеа да бидат реализирани врвни дела од европската кинематографија, и изрази желба во иднина да се реализираат повеќе успешни филмови и копродукции кои ќе бидат видени не само од регионалната публика туку и пошироко.

На ова Генерално собрание на Еуримаж, покрај Одлуките за поддршка на европски копродукции, дел од агендата е посветена и на стратешките определби на Еуримаж за кои ќе се дискутира на посебна пленарна седница. Еуримаж има развиено четири програми за финансирање, и тоа за поддршка на ко-продукции, дистрибуција, промоција и киноприкажување. Фондот поддржува долгометражни играни, анимирани и документарни филмови. Главниот услов за добивање на поддршка е проектот да биде копродукција помеѓу најмалку две земји членки на Еуримаж, но земјите кои не се членки, исто така може да бидат дел од овие копродукции.

Фондот е основан во 1989 година во рамките на Советот на Европа и има јасна, културна цел која е комплементарна на програмата МЕДИА на Европската Комисија. Во моментот фондот брои 38 земји членки, а Република Македонија е член од 2003 година.