Заврши Меѓународниот фестивал на краткометражен филм ТИФФ ОДА во Тетово

12/10/2017

 

Во Тетово, од 3 до 7 Октомври 2017, по шести пат се одржа Меѓународниот фестивал на краткометражен филм ТИФФ ОДА.

Фестивалот започна со проекција на филмот „Лов на муви“ во режија на Изер Алиу, автор со потекло од Македонија, кој живее и работи во Норвешка.

Во рамките на фестивалот беа прикажани 34 филма од 25 различни земји од светот, селектирани од дури 1341 пријавени филмови. Во рамките на фестивалот беа организирани и дебати поврзани со филмската индустрија, а церемонијата на затворањето и доделувањето на наградите беа заокружени на 7 октомври со џез концерт на познатата пејачка Елина Дуни.

Наградите за најдобрите остварувања беа поделени во неколку категории, и тоа за најдобар филм беше прогласен: „I’ve got you“ на Sebastian Drozak од Полска; најдобра режија „Approaching“ на Tereza Pospíšilová од Чешка; најдобра монтажа „Борба за смрт“ на Елеонора Венинова од Македонија; најдобра камера „Bon appétit“ на Erenik Beqiri од Албанија; најдобра анимација „Ethnophobia“, на Joan Zhonga, Албанија/Грција; награда од публиката „Toka“, на Ибрахим Деари од Македонија.

Во делот на студентската програма наградени беа филмовите „Studants“ на Тамара Котевска, ФДУ Скопје, како најдобар документарен филм и „First Kiss“ на Нора Сарак, ФИОФА Охрид, како најдобар игран филм.
Почесната награда ја доби филмот „Man with the will of steel“ на Amar Spahic од Босна и Херцеговина.