„Последните камбани“ на фестивалите во Монтреал и Драма

29/08/2017

 

Краткометражниот филм „Последните камбани“ својата светска премиера ја имаше на 41. издание на „Монтреал ворлд филм фестивал“, кој се одржува од 24ти август до 4ти септември 2017 година во Канада. Филмот е селектиран во рамки на светската натпреварувачка селекција за кратки филмови, проекцијата се одржа на 28ми август.

Филмот е работен по сценарио и во режија на Никола Поповски, а актерот Мето Јовановски ја игра главната улога.

Покрај тоа, филмот ќе биде прикажан и на 23. издание на Меѓународниот фестивал за кратки филмови во Драма, Грција, кој се одржува од 18ти до 23ти септември.

„Последните камбани“ е остварување кое говори за осаменоста и соочувањето со неа и ја носи приказната за еден старец (Јовановски), кој преку камбаната комуницира со неговиот пријател од соседното село.

Директор на фотографија е Фејми Даут, а дел од актерската екипа се и Сања Николовска Најдовска и Виктор Најдовски. Сценографијата е на Никола Анѓелковски, музиката на Дарко Спасовски – Пацки и Горан Кан, шминката е на Наталија Кајевска, а костимите ги направи Ирена Боневска. Продуцент на филмот е Гоце Кралевски од „ДНФ филмс“, а неговатра реализација е поддржана од страна на Агенцијата за Филм на РМ.