„Ослободување на Скопје“ награден на BaNeFF 2017

21/02/2017

 

Македонскиот филм „Ослободување на Скопје“, во режија на Раде Шербеџија е награден со Специјална награда на жирито на BaNeFF (Balkan New Film Festival), кој се одржа од 16 до 19 февруари 2017 година во Стокхолм, Шведска. На фестивалот BaNeFF беа прикажани најновите филмови од Балкнот, но и филмови кои третираат теми поврзани со земјите од Балканот.

Во описот на наградата, за „Ослободување на Скопје“, на веб страницата на фестивалот е напишано дека: Ослободување на Скопје е фантастичен и многу важен филм, особено во нашето време. Моќен потсетник дека војната завршува само со жртви. Настапот на сите актери е фантастични, а особено се истакнува Луција Шербеџија со нејзиниот интензитет, присуство и портретирањето на женското искуство и жртва за време на војна.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Давид Тодосовски, Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Луција Шербеџија и Небојша Глоговац.

Филмот се реализираше со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија и е ко-продукција помеѓу Македонија, Хрватска и Финска, а исто така е поддржана и од страна на Еуроимаж.

Програмата на BaNeFF е поделена на неколку дела, каде што главниот фокус е селекцијата на играни филмови во која се доделуваат четири награди: за најдобар филм, најдобар женски достигнување, наградата на публиката и специјална награда на фестивалското жири. Оваа година на BaNeFF во официјалната конкуренција беа прикажани 12 филма, жирито беше составено од шведски филмаџии: Сирил Хелман, Олгица Линдкуист, Тобиас Хелмет и Хана Андерсон.