Агенцијата за филм организира работилница ScripTeast

03/12/2015

Денес 03.12.2015 год. во просториите на Агенцијата започнува работилницата која Агенцијата за филм на Република Македонија ја организира во рамките на конкурсот за поттикнување на пишување на домашни сценарија, а во соработка со Кристијан Рут, раководител на програма во Скриптист (ScripTeast).

  Целта на оваа работилница и ваквиот евалуационен процес во склоп на овој конкурс е подносителите на барање за поддршка (партиципантите) да ги развијат своите идеи со концепт кој ќе биде одржлив за понатамошна поддршка од страна на Креативна Европа во потпрограмата-МЕДИА. Република Македонија од јули оваа година е членка на Креативна Европа потпрограма МЕДИА и веќе конкурсите од оваа потпрограма се достапни за нашите филмски работници.

     Во текот на три дена експертот Кристијан Руд ќе работи на развојот на шест идеи за долгометражен филм и во рамките на работилницата освен инвидуални состаноци и развој на секоја идеа поединечно, тој во сесии наменети за сите партиципанти ќе се обиде да им пренесе дел од своето знаење и вештини во сегментот на развојот и тоа: како успешно да го презентираат сценариото и себеси,како функционира индустријата, структурата на сценариото и начинот на карактеризација, дијалог и пишување на сцени.

     Идеи кои ќе се развиваат во прв драфт на сценарио во рамките на работилницата се:

1. „Сестра на сценаристите Дина Дума и Мартин Иванов

2. „Сами на сценаристот Драгана Лукан Николовски

3. „Петар на сценаристот Георги М.Унковски и продуцентот Дарко Попов од продуцентската куќа Фокус Покус

4. „Адела, Новинар на Елеонора Венинова

5. „Скриена Камера на Томислав Алексов

6. „Несудени на Марко Црногорски

7. „Нема да си сама на Горан Столевски


Скриптист (ScripTeast) 

     ScripTeast е независна филмска фондација која организира програми за обука специјално дизајнирани за талентирани сценаристи од Источна и Централна Европа. Целта на оваа организација е да ги избере најдобрите сценарија и автори и со помош на меѓународни експерти да помогне во развојот на сценариото на  филмските проекти кои имаат потенцијал да ги надминат бариерите на локалната приказна и да добијат поширока публика.

Основата на Програмата Скриптист не е учење на авторите да напишат сценарио, туку се движи во насока да обезбеди поголема конкурентност на најдобрите проекти.

За повеќе информации на следниов линк: www.scripteast.pl

 

Кристијан Рут

 


Кристијан е експерт за сценарио и филмски консултант со седиште во Каталонија, Шпанија. Оттаму работи за голем број на режисери, продукциски компании и државни институции, вклучувајќи ги Eurimages,  Berlinale Residency,  Doha Film Institute, the Media Business School, Transilvania Pitch Stop и Binger Film Lab од Амстердам, каде што работи како предавач над 15 години.
Во 2012 година ги организира првите работилници за сценарио HEZAYAH во Катар, и продолжува да работи со филмските работници во земјите од Персискиот залив. Исто така,  вклучен е во голем број на програми за филм и телевизија, поддржани од  Европската унија. Во период од 2008 до 2012 работи како директор на инцијативата на европската филмска школа- FOUR CORNERS, Претходно ги предводи работилниците PILOTS TVиCO-PILOTS во Сиджес, Шпанија. Во 2006 година, Кристијан е коавтор на книгата наречена "Развој на сценарио" (‘Script Development’). Пред да се пресели во Шпанија во 2000 година, од 1989 до 1998 година работи како директор за селекција на European Script Fund и EMDA во Лондон. За тој период, има дадено поддршка за стотици европски филмови и компании, вклучувајќи ги и‘Toto le Hero’, ‘Orlando’, ‘Breaking the Waves’ и ‘Elizabeth’. Има работено и како film buyer и директор на развој за Thorn-EMI, Cannon UK и Red Rooster Films.